Гламур интервју со познатиот фолк-пејач Спасен Сиљаноски
Спасен Сиљаноски е еден од најбараните наши македонски фолк пеачи како дома така и надвор од нашата земја. Тој е еден од најголемите македонски патриоти на нашата естрада. Музиката ја сака од кога памти за себе, а неговите професионални почетоци се во 2009 на Роса фест. Детството го поминал во родното село Пополжани-Кичевско и вели дека имал детство какво што би посакало секое дете денес. За неговиот патриотски дух вели дека тоа треба да се има во гените. Со познатиот пејач поразговаравме на уште многу други теми, а што сé ни откри тој во овој наш разговор, дознајте во продолжение…
Прашање: Како му започнува денот на еден музичар?
Да бидам искрен, станувам доцна на пладне, сакам веднаш да се напијам утринско кафе сам во тишина, и да ги прочитам дневните вести како во нашата земја така и за надвор во светот. Едноставно морам да сум во тек со случувањата. А потоа се фокусирам на дневните обврски според мојата агенда.
Прашање: Каде Спасен го помина детството, кои се тие убави спомени што ти паѓаат на ум кога ќе се сетите на овој период од животот?
Моето детство го поминав во родното село Пополжани- Кичевско. Детство какво верувам би посакало секое дете. За жал мислам дека тоа детство го нема повеќе а тоа се должи на развитокот на технологијата која што децата буквалнио ги изолира од природата и надворешниот РЕАЛЕН свет. За разлика од моето детство кога го зивевме тој реален живот, сегашните деца живеат во некоја виртуелна реалност за жал. Премногу моменти има на кои се сеќавам од моето детство, за жал нема да се вратат.
Прашање: Како почна вашата музичка приказна, се сеќавате ли кога беше тоа?
Музиката ја сакам од кога памтам за себе. Но животниот пат не знаете каде ќе ве однесе. Првпат официјално професионално почнав со музика во 2009 на Роса фест. По предлог на професор Сашо Ливрински кој претходно го виде и насети мојот потенцијал.
Прашање: Вие сте еден голем патриот кој без влакна на јазикот секогаш говорите во јавноста и кој пее само македонска музика, од каде толкава желба да се биде патриот, и сте отпеале ли некогаш и некоја српска песна?
Патриот не се создава, треба тоа да го имате во вашиот ген, односно наследено од вашите роднини, а потоа со тек на формирање на вашата личност патриотизмот само се надградува. Не е лошо во никој случај да сте патриот, патриот треба да биде секој човек, тоа едноставно е љубов кон својата држава и својот народ. Што cе однесува до српска музика апсолутно немам ништо против, секоја музика е свое културно богатство за својата нација од каде што доаѓа. За жал ние сме единствена нација во светот која што повеќе слуша туѓа музика од својата. Јас едноставно не можам да си го дозволам тоа. Немам ништо против да отпеам било каква музика, но сепак македонската музика кај мене е на прво место и така ке остане. Доколку го почитуваме своето тогаш има место и за се друго. Јас ако не го сакам пред се моето семејство како можам да ве сакам вас?
Прашање: Многу песни испеани, многу настапи како овде така и надвор, но некако „Ќе ти дојдам вечер” е Ваша лична карта ми се чини, која песна Ви ја бараат на настапите и дали би ни откриле кој ви бил најголемиот бакшиш и каде?
„Ќе ти дојдам” на некој начин стана мој препознатлив знак, песна која го прошири моето име надвор од границите на МК, песна со која што навистина се гордеам. Секако дека таа е една од моите најбарани песни по моите настапи, иако во последниов период исто така е доста барана и песната „МАЈКА”, која што вистински се приближува До „КЕ ТИ ДОЈДАМ” во однос на нејзината популарност. За бакшиш не би зборел бидејќи за мене најголема сатисфакција и најголема награда е публиката. Кога ќе направите публиката да биде презадоволна, и да ги пее вашите рефрени заедно со вас, тогаш финансиите сами ќе си дојдат. Мене секогаш приоритет на моите настапи е публиката да биде задоволно, без разлика на бакшишот…
Прашање: Каква публика се Македонците надвор и каде најубаво сте си поминале досега кога е во прашање нашата дијаспора?
Македонците во дијаспората се навистина прекрасна публика, барем оние кои што доаѓаат на моите настапи. Мислам дека повеќе ја сакаат и ценат македонската музика. Сметам дека тоа се должи на фактот што се повеќе одделени од родниот крај и тука настапува носталгијата. Еден од моите најдобри настапи кои што ги паметам дефинитивно е концертот кој што го одржав во Торонто- Канада.
Прашање: Што недостига на нашата македонска фолк сцена?
Има многу работи кои треба да се променат. Оваа тема е ранлива за мене и би можел да зборувам со часови. Пред се работа создавање но нова квалитетна музика. Продукциски куќи кои си ја знаат работата, менаџерство на највисоко ниво. И силна внатрешна пропаганда.
Додека ние спиеме соседите не преплавија…А секако најважно е да имаме самосвест и македонската музика да ни биде на прво место. Потоа коцките сами ќе се наместат.
Прашање: Се дружите ли со колегите, со кого сте во најдобри односи или со кого најмногу се дружите? Има ли почит меѓу колегите?
Секако дека се дружам со колегите. Кај мене не постојат суети нити пак комплекс на некаква вредност. Јас сум во најнормални односи со сите колеги без разлика на кое ниво на пиедесталот се наоѓаат. Пред се за дружба ги избирам оние колеги кои што верувам дека се слични на мене во однос на родољубивоста, хуманоста и човечноста. Секако дека има и волци во јагнешка кожа, но за моја среќа јас добро ги препознавам и се држам на одредена дистанца од таквите. Љубомората преовладува како и во секоја друга област.
За жал има колеги кои што својата кариера сакаат да ја градат правејќи диверзии на туѓиот успех наместо да се фокусираат на себе и да се коригираат самите.
Прашање: Од неодамна сте и во улога на водител на Везилка, како дојде тоа да бидете дел од тимот и од каде желбата за водителство во кое морам да Ви признаам дека одлично се снаоѓате?
Ви благодарам. Тој момент дојде сосема случајно, никогаш не сум размислувал да се занимавам со водителство. Но на моја среќа добив понуда за работа од уредникот на ВЕЗИЛКА, очигледно видел одреден потенцијал во мене па јас со задоволство ја прифатив обврската бидејќи кај мене е природно да прифаќам предизвици. Се надевам дека добро го совладувам и овој предизвик
Прашање: Во брак сте со Ана, со што Ве освои Ана и како се запознавте? И колку Вашата сопруга има трпение за Вашето постојано отсуство бидејќи да имате музичар дома не е баш едноставно, нели?
Бог на сите им го дава тоа што го заслужуваат. На нас е дали ќе го сфатиме и видиме тоа. Ана е моја животна приказна на која сум пресреќен и му благодарам на Бога што ја прати во мојот живот. Таа ми го даде најголемото богатство а тоа се моите две деца Арсениј и Мила.
Има моменти на разочарување поради моето отсуство од дома, но секако тоа е во интерес на моето семејство и лесно со разговор помеѓу нас го пребродуваме и тоа.
Прашање: Татко сте на две дечиња, каков татко е Спасен и како ги воспитувате вашите деца, што е најважно според Вас?
Татко на две прекрасни деца Арсениј и Мила. Би им посакал на сите да ја имаат таа среќа и да си дочекаат дечиња. Јас имам свој начин на воспитување а тоа е воспитување со љубов и емоција. Секогаш со прегратка и гушкање доаѓам до својата цел. Едноставно без викање ги доведувам до ситуација да се сожалуваат со мене, и нивните одговорности да ги прават самоиницијативно без присила и други методи.
Потенцирам – децата се воспитуваат само со љубов и прегратка.
Прашање: Интересно е тоа што музиката сами ја пишувате, а текстовите Вашата мајка Јагода Сиљаноска. Од каде љубовта и талентот на Вашата мајка за пишување и како е процесот на создавање на една песна?
Процесот на создавање на една песна не е едноставен како што повеќето мислат. За да се создаде една квалитетна песна треба време. инспирација, емоција, креативност, самокритика итн. Јас не правам песна за комерцијала создадени за една ноќ. Тоа штампање на музика не вродува со плод. Мојата мајка најмногу ги познава моите чувства и емоции и токму за тоа таа ја добила довербата да ги пишува моите текстови. Бидејќи навистина по секој нејзин текст има дел од мене и мојата душа. А тоа е најголема инспирација за да јас можам да ја испеам со таква енергија и емоција каква што заслужува.
Прашање: Што би бил Спасен ако не би бил пеач?
Во мојот живот сум работел се и сешто. Од ништо не се срамам се додека го работам чесно и поштено. Затоа мислам дека и ако не би била музиката многу лесно би се справил и во други правци. За неуморен човек и работохолик секогаш има работа.
Прашање: Што е најголемиот страв за Вас од што се плашите?
Можеби највеќе се плашам од самиот себе. Животното искуство не научило дека човек највеќе може да си наштети пред се самиот на себе.
Прашање: Како и каде ги полните батериите?
Животот за жал понекогаш знае да биде премногу суров. Има моменти кои не исцрпуваат и психички и физички. Тоа е пред се поради нашите високи замислени цели. Така да јас сум се научил секогаш да бидам скромен во однос на моите животни цели. Едноставно му се радувам на моментот и на тоа што го имам, а не копнеам по тоа што го немам. А тоа што го имам секако е моето семејство па така и ги полнам моите батерии поминувајќи време заедно со нив. Знам да побегнам до моето село да се изолирам на одреден краток период, да појдам до Манастирот Св. Пречиста во Кичево и со молитва да избегам од таа социјална депресија од која понекогаш страдаме сите во оваа урбана џунгла.
Прашање: Кое е вашето животно мото?
Не им го прави на другите, она што не сакаш да ти го прават тие на тебе.
Прашање: Да имате некоја функција еве на пример претседател или премиер што би направиле првин, кој проблем би го решиле?
Интересно прашање, има многу работи кои би ги променил. Не знам, можеби за почеток би изградил огромен затвор бидејќи кај нас навистина голем број на луѓе кои треба да го почувствуваат мирисот на затворските решетки кои сега лесно ги избегнуваат благодарејќи на нивните политички контакти. Корупцијата и криминалот би биле мојот фокус пред се.
Прашање: И за крај, дали во скоро можеме да очекуваме нешто ново од вас?
Сеуште сметам дека не сум го постигнал максимумот од себе, иако небото нема граници јас сакам да ги бркам висините, до каде би одел не знам но дефинитивно се чувствувам сеуште енергичен, креативен, инвентивен да создавам дела кои се надевам дека ќе останат и траат долги години после мене.
Во овој момент работам на 4 мои нови песни, кои се надевам дека ќе успеам да ги објавам барем до Велигден. Публиката ќе го има последниот збор.