Во „Серменински чардак“ го најдовме вистинскиот вкус на македонската кујна – а, на газдарицата Васка треба да ѝ се додели орден!
Васка е жената која го „воскресна“ селото Серменин и инспирираше над 100 нови куќи.

Во подножјето на планината Кожуф, на само 17 километри од Гевгелија, се наоѓа едно преубаво село кое повторно дише со полни гради. Благодарение на еден лавовски потег на жена со огромна љубов и визија, а со име Васка Јанева. Нејзината етно куќа „Серменински чардак“ не е само туристичка атракција, туку симбол на нов живот и обновена надеж.

„Откако го отворивме чардакот, селото заживеа. Се изградија повеќе од 100 нови викендички, а има и неколку постојани жители,“ раскажува Васка, додека веќе сме магепсани од миризбата на печено јагне, а на трпезата се веќе распослани домашните мезиња. Вдишуваме, длабоко, чист планински воздух, токму она што ни недостига во големите градови.

„Долго време размислувавме да изградиме викендичка на Кожуф,“ вели Васка. „Кога ја видовме недопрената убавина на село Серменин, веднаш знаевме дека ова ќе биде нашето место. Од тука потекнуваат мојот свекор и прабаба. Селото беше запуштено, куќите пропаѓаа, патот не беше асфалтиран. Но откако почнавме да градиме, го направија патот, и животот се врати“ -раскажува домаќинката.


Таа и нејзиниот сопруг со години работеле како контролори во казино, професија која е прилично стресна и која не омозможува редовен сон. „Ни требаше место каде што ќе можеме да дишеме, да се смириме, да се поврземе со природата и нашите деца. Така го најдовме нашиот мир,“ додава Васка.

Ковид пандемијата била пресудна за да се преселат целосно тука. „Децата следеа онлајн настава, а ние ја заменивме работата од казино со туристичко-угостителска дејност. Сега живееме со мир во срцето,“ вели Васка.
„Серменински чардак“ е дефинитивно место што лекува. Овој мал рај се наоѓа на 500 метри надморска височина и претставува вистинска воздушна бања. Во селото се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓе“, изградена во средината на 19 век. Легендата вели дека е изградена за четириесет и пет дена со божја помош од бигорот на реката Белица и денес сведочи колку месното население во најтешките моменти успеало да го надмудри турскиот валија.
Над селото се наоѓа манастирот „Св. Илија“, кој потекнува уште од 10 век и на чии темели е изграден нов манастир.Во близина е и парагладјерската патека „Стајка“, а за сите љубители на планинарење обележани се планинарски патеки до Волчја Чешма, Висока Чешма, Штеји и Двете Уши.
„Селото изобилува со историја. Уште од времето на Отоманската империја, болни деца од Истанбул ги носеле овде на лекување од бронхијални и астматични заболувања,“ објаснува таа, а нагласува дека вреди да се посети и водопадот Вера кој ги воодушевува сите посетители.

Но вистинската атракција е во самиот „Серменински чардак“. Намирнциите доаѓаат на трпеза директно од бавча, а јадењето се крчка во фурна. Изборот е голем, од домашни пити, домашни макала, ајвар, вргањ, свинско ребро, јагне, к’лканица до дивеч, крап, пастрма, сирење, домашно вино, слатко од диви јагоди и смокви…

„Многу ‘нејадачи’ овде првпат почнуваат да јадат,“ се смее Васка.
Љубовта кон готвењето и умешноста ја наследила од мајка си и баба ѝ.
„Готвењето го наследив од мајка ми и баба ми. Уште од мали нозе ме учеа како се прават домашни сокови, слатко, ајвар, лутеница, баници, пити, баклава…“


Во составот на Сермениски чардак има и органска бавча со зеленчук, овошје, кокошки и пчели. „Нашите гости можат да купат домашен мед, чаеви, природни сапуни. Сè е чисто, природно, без хемија.“
А вредните домаќини не мируваат. Минатата година изградиле нови соби, па сега располагаат со седум соби за ноќевање.

Цената за ноќевање за две лица е 1800 денари, а за 2+2 (деца) е 2000 денари со можност да си изберат храна од ресторанот по нивен избор ,,a la carte” и да си доплатат. Ако пак ноќевате најмалку две ноќи и две лица во соба, има појадок, ручек и вечера – од недела до четврток е 1500 ден. по лице, а петок и сабота е 1800 денари по лице, додека за деца се доплаќа 600 денари.
Ова е идеално место за семејни одмори. Гостите уживаат во прошетките, во планинарење, можат да возат и велосипеди, а има одлични услови и за оние кои сакаат параглајдинг и џип-тури.
„Кога го гледам сето ова, знам дека вредеше. Од напуштено село, направивме оаза на животот,“ со гордост завршува Васка.



