Во недела Европа ќе се моли и ќе помага – молитви за загинатите и собирање средства за семејствата на настраданите
Недела, 23 март,ќе биде ден на молитва, но и ден на солидарност, кога сите верници, обединети во својата болка, ќе собираат средства за помош на семејствата на загинатите и на оние што сè уште се лекуваат.

Во сите храмови на Европската епархија на МПЦ – ОА, на 23 март ќе се воздигнуваат молитви за покој на душите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, додека верниците ширум континентот ќе собираат помош за семејствата на загинатите и повредените.
Трагедијата што го погоди Кочани, во која животите ги загубија 59 млади луѓе, длабоко ја потресе нашата земја, но и регионот, како и сите луѓе со добра волја ширум светот.

На денот кога роднините последен пат ги бакнаа ковчезите на своите најмили – невините жртви на оваа голема трагедија, и кога тие се погребани во повеќе македонски градови, меѓу кои Скопје, Кочани, Штип, Чешиново-Облешево и Македонска Каменица, објавено е дека во недела, на 23 март 2025 година, низ цела Европа, во сите храмови на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе се служат литургии и ќе се воздигнуваат молитви за покој на душите на загинатите, како и за исцеление на повредените.

Ова ќе биде ден на молитва, но и ден на солидарност, кога сите верници, обединети во својата болка, ќе собираат средства за помош на семејствата на загинатите и на оние што сè уште се лекуваат.
– Додека заедно ја делиме болката од загубата на младите животи и се надеваме на оздравување на повредените, ги повикуваме сите верници да ни се придружат во молитвите за покој на душите на прерано починатите слуги Божји – порачаа од Европската епархија на МПЦ – ОА, со благослов на владиката Пимен.