Tања Кочовска е 35 години дел од театарската сцена, многу претстави одиграни, Тв серии, многу награди. Сега е дел од актерската екипа на МНT, а претходно работеше Театарот за деца и младинци. Сите ние ја паметиме по големиот хит „Твојте очи мој сине“ од фестивалот „Макфест“, кој и ден денес се пее, а и добро ни е познато дека потекнува од музичко семејство. И како што и самата вели, љубовта кон професијата која што ја работи и денес е голема како и на почетокот на нејзината актерска кариера, иако тоа бара голема пожртвуваност и максимална посветеност. Но покрај теми поврзани со професијата, поразговаравме и за многу други работи, а што се’ ни откри Тања Кочовска, прочитјте во продолжение…
Долги години сте дел од театарската сцена, многу претстави одиграни, ТВ серии, многу награди. Од каде љубовта кон театарот и глумата со оглед дека Вашето семејство е музичко, вклучувајќи Ве и Вас?
Љубовта за професијата ми е многу, многу одамна без разлика што сум од музичко семејство. Mоите родители ме тераа да одам во музичко на сила, а јас тоа навистина не го сакав, иако претходна моја голема љубов беше и медицината. Но некако оваа другава љубов преовлада многу повеќе, така да досега, еве 35-36 години работам и навистина имам одиграно голем број улоги.
Можеби не е сé одиграно до крај, но многу многу се на број, така да се чувствувам задоволна и можам да кажам дека уште овие 4, 5 години до пензија сум задоволна од сé она што имам одиграно. Можеби сé не било генијално, но секогаш сум се трудела да биде коректно. А со пеењето, пеењето го користам во претстава кога има потреба.
Има ли некоја улога што сте посакале да ја одиграте а не сте ја имале досега, и што значи за Вас оваа професија бидејќи јас сметам дека е една од најтешките уметнички професии која бара многу жртви и многу посветеност?
Да, секогаш имало улоги кои во животот сме сакала да ги одиграме, за сите актери зборувам, меѓутоа не дошло до тоа дошло до нешто друго така да секогаш постои некаква компензација. Е сега јас и кога првпат се вработив бев вработена во Драмскиот театар па многу набрзо отидов во детски, од таа причина дека ќе има простор да се одиграат многу повеќе улоги. Но тогашниот директор се задржа баш на детските претстави и едноставно е нормално па работи на кои никогаш не сум ги помислувала дека ќе ги одиграм па сега ги одиграв во МНТ, така да секогаш велам има компензација. Да, се бара и жртви и посветеност. Некои велат дека ако можат да кажат виц дека целото тоа е успех и виза за актер, не, актерството се учи 4 години и е навистина и психички и физички многу тешко. Тешко е затоа што јас секој ден со секоја претстава влегувам во нов лик, во нечиј лик, влегувам во нечиј карактер, а додека јас тоа го доловам и одиграм и се спремам можеби два два ипол месеци за тоа и секојдневно сум во тој филм. И многу тешко е да излезам а сепак треба и секојдневните работи да си ги водам, така да апсолутно не е лесна оваа професија и не за џабе се учи 4 години.
Сега сте дел од МНT, а претходно бевте дел од театарот за деца и младинци, која е разликата, и каде повеќе се пронаоѓате?
Нормално дека се наоѓам во МНТ повеќе, зошто Детскиот јас мислам дека сите актери по завршување треба таму да отидат за да го искалат својот занает и кога ќе ,,пораснат“ да отидат во театар за возрасни. Иако во Детскиот театар ние работевме претстави за возрасни меѓутоа мислам дека еден од директорите на време не го етаблираа тоа дека тоа требаше многу порано да се случи и луѓето немаа навика да доаѓаат на театар за возрасни, иако со професорот Боно Лунгов сме работеле многу претстави каде што сите биле нели, во тој, да речам од 7 до 77, во тој годишен интервал. Е сега едноставно како дојдов во МНТ си се најдов себеси веројатно и години веќе 25 години поминаа во Детскиот театар доста беше така да си се пронајдов во МНТ и морам да кажам дека ми е навистина убаво.
Како се организирате во текот на еден ден постигнувате ли се?
Постигнувам многу работи во текот на денот, меѓутоа како се зголемуваат обврските веќе станува потешко. Иако луѓето ќе кажат и на пример во пензија ќе имаш време за се’, апсолутно нема да имам време за се’. Прво затоа што сум човек кој што не седнува, кој што презема обврски и тие обврски сакам да ги исполнам така да затоа велам кога ќе ми се случат повеќе работи во денот јас брзо работам, брзо завршувам работи меѓутоа краток ми е денот.
Имате исклучително преубав вокал, Ве паметиме сите по Вашиот огромен хит „Твојте очи мој сине“ од фестивалот „Макфест“, кој и денес се пее. Дали можеби би не изненадиле со некоја песна во иднина и дали имате желба за такво нешто?
Да, настапував на многу, многу фестивали и кога го достигнав врвот реков дека тука завршувам зошто, можеби е полесно врвот да се достигне, но потешко е да се одржува нивото а јас не можам на две столици да седам. Сепак актерството ми е многу-многу поважно и едноставно пеењето го уклопувам во целото тоа кога има потреба, така да тоа е нешто што го сакам и го работам.
Понекогаш ми доаѓаат многу работи и јас сакам да си ги отпеам меѓутоа сепак сакам во некоја претстава да ги вметнам, но ако ми дојде некоја желба ќе известам одма.
Кој период од Вашиот живот Ви беше најтешко, бидејќи имавте турбуленции кoи се зад Вас, еден брак со Владимир Ендровски–Љац, со кого го имате синот Александар а сега сте во хармоничен брак со Предраг со кого ја имате ќерката Нела?
Многу периоди биле турбулентни, меѓутоа нај турбулентен бил да речам оној кога сум останала сама со детето, кога не работев, кога живеев под кирија кога се одвоив од моите, морав да работам и на професијата и дете да гледам и да плаќам кирија и тоа не можев да си го дозволам зошто не бев вработена тогаш, така да морав да работам многу работи. И од оние кои позајмував пари морав да им работам по дома, да чистам скали и ред други работи кои што апсолутно не ме срам да ги зборувам. Но сум поминала буквално низ се за да можам да го живеам тој дел од животот, така да секое лошо време си носи добро време, па потоа се случи да бидам со Предраг и да се земеме. Па дојде Нела на свет го прифати Александар од одма и до ден денес е тоа така. И он со неговото семејство и не можам да кажам збор.
Мајка сте на две деца кои се веќе изградени личности, што значи за Вас да си успешен родител и дали Тања се смета себеси за успешна мајка, бидејќи тоа сметам дека е најтешка улога во животот?
Да, се сметам себеси за одличен родител , зошто мислам дека децата ги воспитав добро, само да се разбереме децата се тие што секогаш знаат да изненадат , не дека не знаеле да направат глупости или да направат беља меѓутоа и до ден денес можам да се пофалам со тоа што не ми повишуваат тон, не знаат да се расправаат со мене нити некогаш се расправале. Повеќе јас сум карала, сум казнувала него они, зборувам до ден денес. Вредни се посветени на работата на она што го сакаат и работат многу повеќе ми се чини него некои од нивна генерација, така да можам да се пофалам дека сум одличен родител.
Поминавте еден тежок период во Вашата мајка која беше болна од Алцхајмер. Колку тежок беше предизвикот за целото Ваше семејство, што Ви беше најтешко?
Тоа е многу тежок период кога се разболе мајка ми од Алцхајмер, прво затоа што едноставно не можевме да се навикнеме на тоа дека треба да оди во установа и дека е тоа многу подобро за нејзе што тоа го утврдивме отпосле откако ја однесовме во дом каде што се најде себеси и живееше со луѓето кои што го живеат тој живот. Дома додека беше цело време викавме има време, има време и не знам и мислам жената ја шашардисавме од сите работи. Така да не е лесно да се живее со човек кој се бори со деменција, значи тука и на татко ми му беше исто доста тешко дека беше он со неа сосем сам. Многу е тешко кога седите со мајка која нема да ве познае и не знае кои сте. Е сега можам да кажам зошто, она умре со една, живееше со една мисла тешка, цело време, зошто на времето, кога имале концерти, ме оставила на 4 месеци, а ме видела првпат на 1 година, значи осум месеци. Нема како сега техника па да ме гледа секој ден, па да ме гледала, нели? Тогаш ме чувала најстарата сестра на мајка ми. Ме чуваше така да тие ги сметав за родители долго време и кога ќе ме прашаше некој кого сакаш повеќе секогаш плачев затоа што и двете мајки и двајцата татковци ги сакав многу. И она не можеше да се помири со тоа што го направила и цело време викаше и кога беше болна кое дете да го видам на улица нема да знам дека е моето. Иако јас и објаснував дека сум имала прекрасно детство, ретко убаво детство ,меѓутоа тоа не помогна и цело време мислеше на тоа и цело време тоа го зборуваше и со тоа и си умре. Ама не е лесно и апсолутно не е лесно за оние кои се борат со родители кои што се борат со Алцхајмер и јас би ги посоветувала, со тешко срце, дека е многу подобро да се однесе во една таква установа зошто ќе се дружи со баш со луѓе кои го живеат тој живот. И многу беше посреќна и таа година мислам беше многу посреќна, и среќно, бар среќно ја одживеа.
„Пред да почине, дента кога бевме она не позна сите не исплака сите и си отиде. Тажни моменти се овие, а не ни давала да плачеме ни велела ајде доста лигавење не сакам така , така да и на гроб кога ќе отидеме секогаш евоцираме смешни моменти и се смееме, а болката си е болка и од ден на ден се поголема, тоа е“.
Често знаете да споделите интересни видеа и фотографии од секојдневието за Вашиот живот со Предраг, кој е рецептот за ваква љубов и хармоничен брак? Што сакате најмногу како карактерна особина а што Ве нервира пак кај Предраг?
Кај Предраг ме нервира се како старее , се ме нервира значи што е нормално кога се во млади години кога се они полетни и јаки тогаш се е друго и како стареат стануваат деца и така де секој ден ме нервира се повеќе и повеќе, ама не можам да кажам за Предраг ништо лошо затоа што е тоа човек што кој што ми прифатил дете и никогаш не сум осетила дека тој не е татко на Александар. ,Сега и со внукот Јоаким се обожаваат и се гледаат и се чуваат , и мислам дека дури и повеќе од мене се интересира за Јоаким. Така да и ако речам некогаш дека мислам дека секое девојче кога ќе стане жена треба да има маж каков што е Предраг, не дека не ме нервира не дека нема свои жолти моменти и дека се негативно. но меѓутоа се многу малку во однос на добрите работи. И добрите карактеристики што ги има.
Готви ли Тања имате ли време за тоа и дали се храните здраво или практикувате традиционална кујна?
Да, готвам и секој момент кога можам готвам, и мислам дека готвам здраво, е сега онаа традиционална кујна не можеме да ја заборавиме. Нормално тука се готват јадења што се по традиционални односно помрсни и така, меѓутоа во суштина готвам здраво. Готов фаст фуд многу ретко, можеби еднаш во неколку месеци, ако нешто земеме. Правам зимници и се онака како што мајка ми правела го правам и јас, како и секоја домаќинка што прави, дури знам и навечер да спремам, па сабајле рано да вклучам да се прави да биде зготвено. Меѓутоа сега од кога останавме сами, бидејќи и двајцата се одвоени, не престанав да готвам, но сега можам еден ден да готвам а да го јадеме ручекот два дена без проблем
Каде и како ја обновувате енергијата, што Ве релаксира и опушта?
Па има многу работи што ме релаксираат, сега првенствено иако е обврска голема и не е лесно тоа е релаксација со мојот внук Јоаким кој што има скоро две ипол години кој го чувам и сакам да го чувам и се дружам со него така да тоа е исто така голема релаксација во животот. Затоа и велат сум станала многу опуштена од тоа што сум била порано. Друго нешто што ме релаксира е дружење со децата иако Александар е машко, па е позафатен. Па се вели дека ќерките се малку поинакви, па знаеме да седнеме и да се релаксираме со кафе и со муабет. А инаку многу сакам да патувам, тоа ми е нешто што највеќе ме реласира и сум го сакала и го сакам. И гледањето спорт тоа ме релаксира, гледањето претстави, гледањето филмови, меѓутоа спортот некако повеќе ме обзема сега на постари години зошто во театар сум многу пати меѓутоа немам толку време сега во сала да одам иако секогаш сум одела на утакмици. Чекам да порасне Јоаким па да почнеме заедно да одиме така да тоа е нешто што ме релаксира зошто сум била спортист. Бивши спортист, сега немам многу време за тоа иако треба да практикувам спорт , и затоа велам тоа ми е исто релаксација кога гледам или снимам утакмици па отпосле ги гледам. Кога има првенства светски посебно на кошарка, ракомет… И скијање е исто нешто што многу сакам да гледам, значи има работи. Музика да, меѓутоа затоа што нон стоп од раѓање сум со музика па некако веќе почнав на спорт да се определувам, а театарот е мој.
Чита ли Тања книги и која би ја издвоиле и омилен автор?
Апсолутно, тоа е дел од мојот живот од мојата професија, јас морам да сум во тек со многу работи без читање без наобразба нема актерство. Во моментов ја читам Еумениде од Џонатан Литл иако со Предраг сме љубители на книги секогаш си разменуваме и си разговараме. Сега и двајцата сме глумци што е интересно покрај читањето на драми, нели? И нормално и се што се појавува ново на литературниот пазар. Така да тоа е неминовно и е нешто што еден актер не смее да си го дозволи, тоа барем ги научив и децата.
Една порака за крај за идните актери, што е потребно за успех?
Значи, моите родители се познати и јас сум свесна за сето тоа колку они работеле а колку сето тоа изгледало едноставно на сцена а сум сведок на нивната беспрекорна 24 часовна работа. И за да се постигне тој успех значи треба многу, многу, многу да се работи, а од друга страна да се биде приземен. Зошто мајка ми секогаш велеше ѕвездите на небото стојат, но многу малку треба за да паднат. Меѓутоа и да се случи во животот таков пад тоа не значи дека они треба да останат на дното, значи треба да се борат за да се искачат ако не до врвот приближно до врвот, а со работа и со посветеност врвот ќе си дојде сам по себе. Тоа го зборувам и на моите деца. И на Нела која што е исто актерка, и никогаш не велам дека е тоа беспрекорно што го направила и дека треба уште многу, многу да јаде леб, и уште многу, многу да работи. Тоа е нашата професија таква што ние учиме и работиме многу до крајот на нашиот живот. Се до моментот додека не престанеме да се бавиме со актерство, додека не се измориме.