Гламур интервју со Татјана Лазаревска
Доволно е да се спомне само ”Аце Аце” и веднаш ќе ни стане јасно дека станува збор за нашата прекрасна фолк дама Татјана Лазаревска која веќе 30 години е на македонската фолк сцена. Tаа веќе 10 години заедно со сопругот Новица и нивните два сина живеат во Австралија а пред некој месец го прослави и својот 50-ти роденден.
Прашање: Пред некое време го одбележавте својот 50 ти роденден и влеговте во шестата деценија. Како се чувствува Тања?
Од како влегов во мојата нова деценија се чувствувам одлично.
Прашање: Со музиката и фолклорот започнувате уште од мала во АКУД „Мирче Ацев”, а и во пеачката група под раководство на Пеце Атанасовски. Какви спомени ви буди тоа време?
Јас секогаш кажувам дека тој период на мојата младост беше најубавиот, најразиграниот и најраспеаниот. Само убави спомени носам од тоа време.
Прашање: Првата професионална соработка ви беше со Милан Завков, а „Не сакам да те преболам“ прва ваша песна. Како дојде до оваа соработка и од оваа дистанца какви спомени ви буди?
Мојата соработка со маестро Милан Завков не беше случајна. Јас сум негово музичко откритие, токму заради нашето заедничко членување во АКУД „Мирче Ацев”, нормално во различен временски период, но пријателството помеѓу мојот татко Стефан и Милан беше огромно и затоа моите почетоци и целата музичка кариера се движеше по вистинскиот пат.
Прашање: „Абре Чичо” И „Аце Аце” како да ви ја одбележаа кариерата. Дали тие песни ви се најбарани на настапите?
Да, секако, тоа се моите два најголеми хитови кои до ден денешен се пеат секаде низ светот кај Македонците.
Прашање: Веќе долги години сте во Австралија со семејството, Каков е животот таму и како Ви се одвива едно секојдневие, задоволни ли сте како се функционира таму?
Во Австралија живееме веќе 10 години и засега сме задоволни од животот. Нашето секојдневие е исто како и на сите други луѓе. Нормално, работиме преку неделата, но затоа за викенд пееме и се дружиме со нашата публика.
Прашање: Што Ви недостига најмногу во родната Македонија?
Секако дека најмногу ни недостига нашата фамилија и долгогодишните пријатели кои ги оставивме таму.
Прашање: 22 години сте во брак со Новица, Како почна вашата љубов и со што ве освои Новица, што е за Вас успешен брак има ли рецепт?
Љубов + Разбирање+ Поддршка=22 години брак.
Прашање: Двајцата сте музичари дали тоа е предност или можеби понекогаш знае да пречи, иако знам дека вие таму работите и по вашата струка?
Да се биде во брак со партнер од иста професија според мене е секогаш добитна комбинација.
Прашање: Каква мајка е Тања, и што за вас е успешен родител, Вашите синови исто така веќе пловат во музичките води што ги советувате?
Јас за себе мислам дека сум мајка која се труди да ги воспитува децата на традиционален начин, а тоа значи да ги научат животните вредности, љубов, почит и верба во бога.
Прашање: Многу награди признанија, многу настапи на фестивали, што Ви останало ете така од сето ова во најубаво сеќавање?
Секој фестивалски настап и секое музичко патување за мене има посебна убавина. Еве веќе 30 години градам прекрасни спомени во мојата музичка кариера, ама некако моите два солистички концерти по повод 10 и 15 години кариера ми се настани со посебна емоција.
Прашање: Во Вашата богата музичка кариера имате направено и неколку излети во областа на водителството. Како дојде до тоа и од каде поривот за овој предизвик?
Јас ја сакам камерата и телевизијата како медиум. Мислам дека после толку поминати интервјуа, за мене беше предизвик да се пробам и во водителските води, и секако имав голема поддршка од мојот сопруг.
Прашање: Како Тања се грижи за себе и својата убавина и изглед?
Убавината на една жена доаѓа од внатре, од животните задоволства. Секој ден се трудам да бидам подобар човек а со тоа и подобро да изгледам.
Прашање: Што е Вашето хоби или нешто што знае да ве релаксира од секојдневието?
Некое конкретно хоби немам, никогаш не сум го имала, но понекогаш заедно со Новица сакаме да пропешачиме во природа.
Прашање: Како би се опишала себеси во неколку збора?
Енергична, весела комуникативна.
Прашање: Кое е твоето животни мото?
Живото е краток, затоа живеј го секој ден како да е последен.
Прашање: И дали може да очекуваме за вашиот јубилеј од 30 години можеби некој концерт во Македонија или да ни откриете како и дали планирате да го одбележите?
Искрено планираме со Новица заеднички солистички концерти по повод 30 години кариера и многу би сакале тоа да биде во Скопје. Работиме на случајот и се надеваме дека ќе успееме да го реализираме. Едно што можам да ветам, дека че биде супер концерт со многу наши хитови и невообичаено сценарио.