(Видео) Куче најдено во кафез полн со стар леб и со измет, го чувале така две години

Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со тимот на ЈП „Лајка“ утрово спроведе инспекциска контрола и итно одзеде куче кое било држено во крајно нехумани и незаконски услови.
Согласно сведоштвата на соседите и поднесените докази, повеќе од две години кучето било чувано затворено во мал бокс, без пристап до питка вода, со нерасчистен измет и хрането исклучиво со сув леб. Поради ваквите услови, животното е најдено во тешка и загрижувачка состојба – екстремно изгладнето, занемарено и деформирано до степен едвај да стои на нозе.
Инспекциската служба констатирала сериозни нарушувања на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, по што била донесена одлука за итно одземање на животното и негово префрлање на понатамошна ветеринарна и хуманитарна грижа под надзор на ЈП „Лајка“.
Од „Лајка“ ги охрабруваат граѓаните и понатаму активно да пријавуваат случаи на злоупотреба и занемарување, со цел да се обезбеди навремена и ефективна заштита на животните.
Тимови од ЈП „Лајка“ почнаа со заловување на кучиња скитници од скопските улици. Откако три тимови беа обучени и добија сертификати од Факултет за ветеринарна медицина по пауза од година и половина повторно започна заловувањето на бездомните кучиња и нивно сместување во реновираниот стационар. Досега во прифатилиштето на „Лајка“ се згрижени 23 бездомни кучиња. Дел од нив се заловени од тимови по пријава на граѓани дека се агресивни, а дел од кучињата се донесени од граѓани.
„Резултатите од нивните тестови од лишманија од Факултетот за ветеринарна медицина се негативни и сите се во добра здравствена состојба. Половина од нив веќе го поминаа третманот односно се стрелизирани/кастрирани, вакцинирани од заразни болести и беснило, имаат аплицирано ушна маркица и микрочип кои што се евидентирани со кооринатите од каде што се заловени. Новите ушн маркици имаат посебен број и код според општината. По задолжителниот преглед, вакцинација, стерилизација и чипирање, тие се враќаат во своите апартмани каде ја чекаат својата можност за вдомување. Доколку не бидат вдомени ќе се вратат на локацијата од која биле заловени“, велат од ЈП „Лајка“.



