Донатела Версаче: „НЕ сакам да убивам животни поради мода – готово е со вистинското крзно!“
Одлиен потег на познатиот бренд кој репутацијата ја градеше токму со своите атрактивни бунди од вистинско крзно.
Се поголем број познати брендови се откажува да произведува облека од вистинско крзно, а меѓу нив од неодамна се приклучи и Донатела Версаче. Познатата италијанска модна дизајнерка и сопственичка на империјата која што ја основаше нејзиниот трагично починат брат Џани во разговор со новинарот Лук Летч за магазинот „Економист 1843“ откри дека нема намера во иднина да користи вистинско крзно во своите колекции. Таа изјави дека не сака да убива животни заради модата и ги изненади сите со нејзината одлука.
„Крзно? Завршив со тоа! Немам намера да убивам животни заради модата. Едноставно, не е во ред.“ Иако слични изјави неодамна обелоденија и познатите модни куќи Gucci, Tom Ford, Givenchy и Michael Kors, мораме да признаеме дека ова е навистина ХРАБАР потег на Версаче. Одговорните досега вешто избегнуваа да се изјаснат за ова прашање, а брендот својата репутација делумно ја градеше и преку своите атрактивни и впечатливи модели од крзно.
Всушност, Версаче е синоним за гламур и претерување, а раскошните бундички од крзно со нивното лого секогаш беа меѓу најбараните. Во нивната колекција за есен-зима 2017 претставија бунди направени од куни и лисици, па ваквиот став на брендот ги изненади долгогодишните обожаватели на истиот.
По изјавата на Донатела многумина се разочарани што повеќе нема да можат да купуваат луксузни крзнени бунди и јакни од познатиот моден бренд, додека другите ја поздравуваат нејзината одлука со која ќе се заштитат животните но најверојатно ќе се поттикнат и многу други брендови да го следат нивниот чекор.