Вегетаријанската диета ќе ви помогне да ослабите и да го подобрите здравјето, што нели е најважно од се.
Во претходниот дел пишувавме за вегетаријанската диета и дадовме пример на мени од 1200 и 1500 калории. Ова е релативно мал број на калории, посебно доколку не внимавате и внесувате три или четири пати по толку. Ако преминете директно на препорачаната вегетаријанска диета вашиот организам ќе доживее шок. Затоа, доколку навистина не внимавате на исхраната, прво да започнете со некоја полесна диета, да ги намалите оброците, како по број, така и по количина и да ја исфрлите мрсната храна и брзата храна. Потоа можете постепено да преминете на вегетаријанската диета, која ќе ви помогне трајно да ги промените прехранбените навики и изгубените килограми никогаш да не се вратат. Како и кај сите диети, многу е важна разновидната исхрана која ќе ги задоволи сите ваши дневни потреби за хранливи материи и ќе овозможи да се чувствувате подобро.
Во првиот дел дадовме примери за оброци во склоп на вегетаријанската исхрана. Сепак, тоа се само примери кои треба да ви дадат една слика како треба да се исхранувате. Има безброј намирници и варијации кои можете да ги искористите, при што треба да внимавате исхраната да ви биде што поразновидна и прилагодена на вашите потреби.
Иако вегетаријанската диета исклучува животински протеини и други хранливи состојки кои ги содржи месото, таа е полна со калиум, калциум, магнезиум, јаглехидрати и влакна кои се многу важни за здравјето на организмот и за варењето. Ако содржи правилно избрани намирници и подготвени на вистинскиот начин, вегетаријанската диета може да биде многу вкусна, покрај тоа што е здрава.
Ви подготвивме неколку совети како да подготвувате што повкусни оброци.
Овошје, зеленчук, житарки
Појадок
за појадок можете да подготвите овесна каша од соино млеко и овесни снегулки, 2 лажици мелени ореви и малку малини
Ручек
за ручек можете да изедете здрава, вкусна и хранлива салата. Измешајте црвена зелка, зелена салата, домат, жолта и црвена пиперка, грашок, краставици, целер и морков. Испечете и додадете во салатата 100 гр. маринирано тофу. На крајот зачинете ја салатата со оцет и масло и нискокалоричен прелив за салти.
Ужина
Свежо овошје и јогурт со ниска масленост.
Вечера
Сварете половина шолја интегрален ориз во кој на крајот можете да додадете морков или листест зеленчук како зелка, кељ или брокула, карфиол …
По вечерата можете да изедете јаболко и еден ред темно чоколадо.
Уште неколку примери и идеи
Појадок
2 тенки парчиња леб со свежо кравјо сирење или овошна салата од свеж ананас, киви, папаја, маракуја и мусли без шеќер и какви било додатоци. Сите овие состојки можете и да ги измешате и да ги испечете во тава па да ги јадете.
Ручек
Сварете 150 гр. шпагети и додајте сос од домати во кој претходно сте додале лук. Потоа посипете малку пармезан. За десерт можете да изедете нискокалоричен пудинг со малку овошје.
Вечера
Подгответе си вкусна мексиканска вечера за која ќе ви бидат потребни 90 гр. моркови, 75 гр. овес, масло, 90 гр. кромид, босилек, 1 чешне лук и 270 гр. црвен варен грав.
Прво на масло пропржете го кромидот додека не добие светла кафена боја, а потоа додајте ги сите наведени состојки и пржете ги од 5-8 минути. Со овој фил наполнете една тортиља. Со ова можете да изедете и малку зелена салата.
Вкусни меѓуоброци и грицки
Два пати на ден можете да јадете вкусни ужинки или меѓуоброци, како овошје, различни видови на вегетаријански колачиња, двопек, пуканки, сушено овошје…
Со вегетаријанска диета може да се ослаби на многу здрав начин, но важно е притоа да истражувате, да испробувате нови јадења и вкусови, да подготвувате различни рецепти од вегетаријански готвачи или сами да смислувате креативни рецепти.
Вегетаријанската исхрана ќе ви помогне во текот на слабеењето да си го зачувате и подобрите здравјето, што е најважно од се. Иако вегетаријанската исхрана не е многу популарна кај нас, во денешно време се повеќе луѓе, заклучно со голем број славни личности, се определуваат да преминат на вегетаријанска исхрана. Ако не содржи месо не значи дека оброкот нема да биде вкусен, туку напротив!
види го I дел од оваа диета » |