В четврток се Божиќни поклади, еве што се прави за среќа во домот – а ова строго се забранува
Старите велат дека на овој ден се покануваат и посиромашните соседи и пријатели, затоа што сите треба да се „омрсат“ за време на заедничкиот обред и во слога и весело да влезат во постот кој ќе трае до Божиќ.

Божиќните поклади претставуваат еден од најзначајните православни обичаи, длабоко вкоренет и во македонската традиција. Тие го означуваат последниот ден пред почетокот на Божиќниот пост. Иако различни православни земји имаат одредени локални нијанси во обичаите за овој ден, суштината останува неизменета – да се влезе во постот чист, спокоен и со добронамерно срце.
Последниот ден пред духовната тишина
Во македонската традиција, покладите често носат карактер на семејна гозба и благодарност. Домовите се исполнуваат со мирисот на последното мрсно јадење пред воздржувањето, односно постот (Божиќниот пост почнува в петок, на 28 ноември), а атмосферата е исполнета со топлина и сплотеност.
Ниту еден ритуал не е толку силно поврзан со покладите како прошката. Традицијата учи дека човек не смее да влезе во пост ако носи гнев, навреда или тежина во срцето.
Затоа, семејствата се собираат за да си подадат рака, да се помират и да се ослободат од она што ги оптоварува. Зборовите „прости ми“ и „Бог да прости“ се повеќе од формалност, тие се чин на длабоко духовно чистење. Во сите православни култури, ова е најзначајниот момент на покладната вечер, бидејќи без прошка нема благословено започнување на постот.

Мир во домот
Покладите традиционално се одбележуваат со мирна атмосфера во домот, без расправии или тешки зборови. Често се пали свеќа пред икона, како тивка молитва за здравје и благослов во наредниот период.
Ова е ден кога се расчистуваат и старите недоразбирања или долгови, со верување дека обврските не треба да се пренесуваат во постот.
Подлабоката симболика на Божиќните поклади лежи во преминот од телесната кон духовната храна. Веќе од следниот ден, од богата трпеза човек преминува кон воздржување; од гласна радост кон тивка молитва; од секојдневниот хаос кон внатрешно смирување. Постот што следува не е само режим на одредена исхрана (посна), туку време за преиспитување, отпуштање на лошите мисли и навики, и за духовно обновување. Затоа, покладите се сметаат за врата кон посветена тишина и внатрешно чистење.
Што треба да направите за Божиќните поклади
Иако модерното време ги менува навиките, духот на Божиќните поклади останува ист. Тие нѐ потсетуваат дека вистинската подготовка за празникот Христово Раѓање не започнува со подароци или декорации, туку со искрена прошка, мир во домот и отворено срце.
Според народните обичаи, покладите се празник што секогаш треба да го собере целото семејство на заедничка трпеза. Масата за поклади е исполнета со јадења подготвени од месо, млечни производи и сè она од што верниците во следните 40 дена, со почетокот на постот, ќе се воздржуваат.
Старите велат дека на овој ден се покануваат и посиромашните соседи и пријатели, затоа што сите треба да се „омрсат“ за време на заедничкиот обред и во слога и весело да влезат во постот кој ќе трае до Божиќ.
Покладите се и време кога помладите членови на семејството треба да ја „водат главната работа“, а на денот се прават шеги, се организираат игранки и сите се забавуваат.
Во некои краеви на Македонија и денес е задржан обичајот на маскирање за поклади – момчиња и девојки под маски, со многу врева, одат од куќа до куќа и прават разни досетки на општо задоволство на домаќините и сите присутни. Потоа, домаќинот треба да ги почести со јадење, пијалак или некоја ситница. Според старото верување, така се бркале злите сили и вештерките, а од истата причина, во некои села и денес се практикува вечерно триење на табаните со лук.
Што не треба да се прави на овој ден
Иако празникот е весел, постои и „забрана“: во оваа недела не се прават свадби, веридби, кумства или побратимства, бидејќи се верува дека таквите врски нема да бидат долготрајни.
Од истите причини не се земаат позајмици, ниту се даваат пари на заем, затоа што, според народното верување, нема да бидат вратени. Не се градат куќи, ниту се прави некоја поголема работа околу домот.
Во селските средини покладниот ден завршува со голем оган на главниот плоштад, околу кој се собираат сите. Со шега, музика и добро расположение, се истерува секој страв и заеднички се влегува во првиот ден од постот.
Без разлика дали верувате во овие обичаи или тие за вас се само „бабини приказни“, поминете го празникот во четврток (27 ноември) со семејството и со луѓето што ви значат. Разговарајте, смејте се и бидете весели и ќе видите, во животот ќе ве следи само среќа!



