Портрети
COVER STORY

Утрото ми е најнежниот дел од денот – интервју со новинарката која во секој разговор бара смисла, а не сензација

За Ирена Пепељуговска Цветановски професијата не е само работа, туку животна филозофија. Таа знае дека вистинските приказни почнуваат кога ќе престанеме да брзаме, и ќе почнеме да слушаме.

Advertisement

Во медиумскиот простор исполнет со брзина и натпревар за внимание, ретки се новинарите кои успеваат да ја задржат суштината, човечноста, вниманието и искрената приказна. Ирена Пепељуговска Цветановски е токму таков глас: смирен, но сигурен; ненаметлив, но влијателен; професионален, а сепак автентично човечки.

фото-приватна архива

Иако животот првично ја водел кон медицината, нејзината потреба да биде блиску до луѓето, да ги разбира, да ги слуша и да им даде простор да профоворот, ја насочила кон новинарството, професија каде што, како што вели, ја пронаоѓа истата мисија, само во поинаква форма. Денес, со години зад себе поминати пред камера, во емисии во „живо“, во утрински програми и вечерни анализи, таа успева да го носи спокојството во „најнервозната“ професија, и како штит и како дар.

Advertisement

Во ова интервју, Ирена отвора ретка можност за поглед зад кадарот, во работата, во напорите, тивките ритуали, инстинктите што се градат со време и приказните што ја научиле да ја гледа Македонија со широко и благодарно срце. Ги открива предизвиците на денешната брзина, потценетата сила на подготовката, важноста на автентичноста и убавината на секојдневните мали мигови што го држат човекот исправен.

фото-приватна архива

Mедицината беше твоја неисполнета желба, дали некогаш се прашуваш како би изгледал денес твојот живот доколку тргнеше по тој пат, и што научи за себе од тоа што не се исполнило во животот?

– Нормално е човек да се наврати на своите први соништа. Медицината беше моја прва љубов и моја тивка амбиција. Но со текот на времето сфатив дека желбата за медицината не исчезнала туку само се трансформирала. Желбата да се биде корисен, да се допре до луѓето, не е врзана само за една професија. Таа може да се оствари на многу начини.

И денес ја имам истата желба да помогнам, но тоа го правам на еден поинаков начин, преку приказните што ги пренесувам.

Новинарството ми даде можност да бидам покрај луѓето на сосема понаков, но еднакво значаен начин, да го пренесам гласот на луѓето, да им дадам можност да ја раскажат својата приказна, да сум мост помеѓу приказните на луѓето и публиката. Ако нешто сум научила од сето ова, тоа е дека неисполентите желби не се загубени, тие само не водат кон патот на кој навистина припаѓаме.

Утринската програма бара и многу рано будење, станување, излегување од дома. Како ја искористуваш тишината на раното утро за себе, и што правиш навечер кога умот упорно не те пушта да заспиеш, а знаеш дека мора рано да станеш?

– Утрото ми е најнежниот дел од денот. Тоа е момент кога сѐ е мирно, тивко и спокојно. Утрото е дел од денот кога времето тече побавно. Се будам пред градот и тоа ми дава чувство дека имам неколку моменти само за себе, пред да ја отворам вратата кон динамиката.

Имам свој мал утрински ритуал. Утрото го започнувам со благодарност за можноста да поминам низ денот што е пред мене. Вообичаено подготвувам утрински здрав напиток бидејќи кафе не пијам, слушам тивка музика да не ги разбудам домашните, читам неколку редови од некоја добра книга… Тоа е мојот начин да си кажам “добро утро” без хаос.

Навечер кога умот е уште буден, мислите сѐ уште живи, а телото уморно, се обидувам да се повлечам во себе. Никогаш не заспивам насила, само си дозволувам да се смирам со тивки навики, лесна тивка музика и неколку минути на длабоко вдишување. Научив дека телото навистина слуша кога ќе му дадеш нежност, а не притисок. Обично рано заспивам бидејки и рано се будам (се смее, н.з).

фото-приватна архива

Денес информациите се брзи и многубројни, кој е најголемиот предизвик да се задржи публиката со внимание пред тв екраните и како да се одбрани вистинската вест?

– Во време кога сѐ се случува „веднаш”, јас верувам во силата на јасното и вистинито зборување. Живееме во време кога вниманието е најредок ресурс. Публиката чувствува кога веста е проверена, внимателно и искрено споделена. Моја цел е да понудам нешто што има смисла, нешто со душа. Затоа многу внимателно го подготвувам секој разговор, секој прилог, секоја вест или информација.

Лажните вести се предизвик, но не и нешто што не може да се совлада. Атрактивноста никогаш не треба да ја надвладее точноста. Тоа е правило од кое никогаш не отстапувам.

Имаш ли чувство дека младите новинари денес повеќе се фокусираат на брзина отколку на длабочина, и како тоа влијае на професијата?

– Темпото на денешнината нѐ форсира сите. Брзината стана услов, но длабочината е она што ја држи професијата исправена. Вистинската новинарска вредност се гради со време, со анализа, со разбирање на материјата. Кога брзината ќе ја надвладее суштината, се губи довербата. Но, кога ќе застанеш и ќе дадеш нешто повеќе – контекст, димензија, човечка страна (што за мене е многу важно ), тогаш градиш новинарство што опстојува.

фото-приватна архива

Има ли момент кога пред камера си морале да одлучиш инстинктивно, и што научи од таквите стресни ситуации за себе и за професијата? Може ли таквите искуства да се применат во секојдневниот живот надвор од професијата?

– Да, тоа се најдобрите и најтешките моменти во исто време. Во „живо“ нема втора шанса. Секоја реакција е важна. Водам утринска програма „во живо“, разговори „во живо“, линковски вклучувања „во живо“, контактна емисија со гледачи, исто така, „во живо“, на најразлични теми. Луѓето се јавуваат го кажуваат своето мислење, има и луѓе кои несебично го споделуваат своето животно искуство, бараат помош, совет…

фото-приватна архива

Имало низ годините многу различни ситуации „во живо“, пријатни и помалку пријатни, но тоа е убавината и специфичноста на емисиите „во живо“. Како што кажав, „во живо“ нема втора шанса. Овие ситуации ме научија да останам присебна, да дишам дури и кога околината е напната, и да им верувам на сопствените рефлекси. Инстиктот не доаѓа веднаш, се гради со искуство, со грешки, со ситуации кога мораш да бидеш силен и кога неможеш да се повлечеш.

Интересно е што тој новинарски мир потоа останува со мене во приватниот живот. Многу ретко реагирам во паника, научив да се контролирам пред да кажам или да направам нешто.

Која тема или приказна те изненади најмногу и те натера да ја видиш Македонија поинаку?

– Има многу такви приказни и моменти. Најмногу ме допираат оние тивки и ненаметливи херојства и успеси особено на млади момчиња и девојки кои, верувајте, во Македонија ги има многу.

Сум запознала луѓе кои со едно мало дело на добрина менуваат нечиј ден или живот. Има Македонија младина на која што треба да се гордееме сите. Од спортисти, ликовни и музички уметници, пистатели, ракотворци, млади информатичари, математичари, здравстевени работници, волонтери….

Има луѓе кои се вистински херои, ненаметливи и кои со својота скромност и дела планини поместуват. Тие лични човечки приказни ми ја покажаа Македонија како земја со големо срце. Зад секоја тема постои човек, а позади секој човек еден мал свет полн со убавина. Ете, така ја гледам нашата преубава земја Македонија. Верувам во посветла и поубава иднина за сите.

фото-приватна архива

Што мислиш дека е најчесто потценето во работата на еден новинар денес?

– Потценета е тишината зад камерата. Публиката го гледа завршниот производ. Разговор, прилог, линк, емисија… Публикта ја гледа насмевката, ставот, добро срочена реченица. Но многу малку луѓе знаат колку работа стои зад сето тоа. Тоа се часови во подготовка, барање соговорници, теми, подготовка за разговор, за прилог, подготовка за емисија која се емитува во живо, и секако организација за снимање или одење на терен… Часови и часови претходна подготовка.

Новинарството бара многу повеќе од знаење – бара чувствителност, интуиција, дисциплина и храброст. Тоа е прекрасна, но истовремено и тешка професија и затоа исклучително ја почитувам.

фото-приватна архива

Како го балансираш личниот стил со очекувањата на телевизиската публика и професионалните стандарди, без да изгубиш дел од она што те прави уникатна? Колку автентичноста е важна за визуелните медиуми денес?

– Секој новинар – водител има свој потпис, свој тон, своја боја. Јас верувам дека стилот не треба да се потиснува туку треба да се насочи.

фото-приватна архива

Останувам верна на себе: женствена, смирена, природна. Но никогаш не го нарушувам професионалниот рамковник. Балансот го наоѓам во едноставност, автентична сум, но секогаш свесна дека имам одговорност пред публиката. Кога двете ќе се спојат, се добива стил што е и мој и професионален.

Најчесто малите детали го прават денот посебен. Кој е твојот „мал ритуал“ што секогаш те фокусира и те подготвува за предизвиците на денот?

– Мојот омилен ритуал е тивок момент само со себе, без зборови, без брзање, без екран, без телефон. Тоа може да биде и кратка прошетка, читање нешто мотивирачки инспиративно, или едноставно затворање очи на неколку секунди и визуализирање на некоја релаксирачка слика, најчесто плажа, море, езеро, сонце, шума…Тоа е моја мала врата кон мирот. Ми помага да го започнам денот со благодараност, со јасност и со чувство дека сум присутна во моментот. Тоа, за мене, е најубавата форма на луксуз.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Реклама

Поврзано

Back to top button