Утрински навики за подобар и поисполнет ден
Доколку сакате да имате подобар и поисполнет ден, многу се важни вашите утрински навики.
Доколку сакате да имате подобар и поисполнет ден, многу се важни вашите утрински навики. Не треба веднаш откако ќе се разбудите да го вклучите телевизорот, да посегнете по копчето на вашиот лаптоп или пак по паметниот телефон за да ги видите најновите објави на Фејсбук и Инстаграм. Наместо стартот да го направите со некои вакви постапки, обидете се да бидете покорисни, со што и ќе се чувствувате подобро. Не станува збор за нешто тешко или комплицирано. Потребна ви е само желба и неколку минути од вашето утро, па по одредено време, откако овие активности ќе ви прераснат во секојдневна навика, вие ќе можете да го почувствувате своето подобрување. Еве што треба да настојувате да практикувате.
Веднаш откако ќе станете, наместете си го вашиот кревет
Ова не треба да ве зачудува. Ако се прашувате како тоа може да влијае на вашиот ден, ние ќе ви понудиме кратко објаснување. Па, со самото тоа што ќе имате навика и на некој начин обврска да го наместите вашиот кревет по будењето, вие учите да бидете принципиелни и одговорни кон вашите задачи. Кога ќе почнете да го практикувате ова, вие ќе го започнувате вашиот ден со остварување на една цел, а добро е познато дека тоа води кон мотивација за остварување уште повеќе и повеќе…
Медитирајте
Одвојте барем дваесетина минути во утринските часови и обидете се да медитирате. Така ќе се смирите и ќе се подготвите за претстојниот ден, а и нема да се чувствувате нервозни
Уживајте во појадокот и во кафето или чајот
Станете порано. Неколку минути нема да направат голема разлика во вашето спиење, но ако станете малку порано ќе имате големи придобивки. Наместо постојано да бидете во брзање и само „автоматски“ да ги извршувате задачите, обидете се да уживате во појадокот и во утринското кафе или чај. Тоа е време посветено само на вас и тогаш можете да ги правите и вашите планови за тој ден.
Направете си листа со обврски
Запишете што сѐ треба да направите тој ден. Но, не претерувајте. Една работа е да сакате да остварите што е можно повеќе, а сосема друга е да бидете во можност да го изведете тоа. Поставете си приоритетни задачи и, доколку имате време и можности, испланирајте ги и потребните чекори за да стигнете до нивно остварување. Притоа, додадете уште неколку споредни кои немаат големо значење и кои може да почекаат до утрешниот ден.
Сe’ зависи од вас и од тоа како ќе го испланирате вашето време.
Иако денешниот модерен и брз начин на живот носи многу потешкотии, сепак, најважно е да научите како да управувате со вашето време, па ќе сфатите дека сте подготвени да остварите многу повеќе отколку што сте замислувале!