Утре се јаде овој зеленчук за благодат и заштита, а некои слават именден – го славиме Христовиот ученик
Според народните верувања, Свети Андреј е заштитник на големите животни. Некогаш мечкарите го славеле Андреевден верувајќи дека тој ги смирува мечките.

Православните христијани утре, 13 декември, го слават Свети Андреј Првоповикан, првиот ученик и прв апостол Христов, кој страдал на крст поради својата предаденост кон новозаветната вера. Многу семејства го празнуваат денот како крсна слава, а некои и како именден (Андреј).
Свети Андреј бил апостол и на Цариград и на Русија, како и покровител на руското царство и заштитник на династијата Романови. Според преданијата, тој бил постар брат на апостолот Петар и ученик на Свети Јован Крстител, а Евангелието го проповедал во Византија, Тракија, во Дунавските земји, во Русија, околу Црното Море, во Епир, Грција и Пелопонез, каде и го завршил својот живот.
Иако бил распнат, Свети Андреј од крстот се обраќал кон народот, проповедал христијанство и се молел на Бога до смрт.

Житието на апостолот
Роден е во еврејското место Витсаида и бил рибар по занимање. Прв бил ученик на Свети Јован Крстител. Кога Јован го крстил Исуса Христос и ги повикал своите ученици да го следат Христос со зборовите „Гледајте, јагне Божјо“ (Јован 1, 36), Андреј бил еден од првите што одговорил на повикот. Заедно со брат му Петар и евангелистот Јован, го следеле Ису.
По воскресението и вознесението на Исус, на денот на Педесетница, заедно со другите апостоли, го примил Светиот Дух во вид на огнен јазик. Со ждрепка се одредило каде ќе проповеда, и неговиот дел бил: Витинија, Пропонтида со Халкидон и Византија, Тракија и Македонија, до Црното Море и Дунав, Тесалија, Грција, Ахаја, Аминтин, Трапезунд, Ираклија и Амастрида.
Преку својот апостолски труд патувал низ многу градови на Блискиот Исток и Византија, проповедајќи го Евангелието, трпејќи бројни страдања. Особено бил мачен и каменуван во градот Синоп, но чудесно оздравел од повредите.
На реката Дњепар го благословил и поставил крст во Киевските Гори, предвидувајќи дека народот таму ќе ја прифати верата од неговиот апостолски престол. Потоа го посетил Новгород, Рим, а на крај се вратил во грчката област Епир и Тракија, каде поставувал епископи и учители.
Светец со исцелителска моќ
Во Пелопонез, во градот Патра, од тешка болест исцелил човек по име Сосија, по што мнозинството жители го прифатиле христијанството.
По наредба на царскиот намесник, Андреј бил затворен и распнат на крст. Дури и на крстот, тој проповедал и се молел, изговарајќи зборови кои останале забележани:
„Господе Исусе Христе, не дозволи да ме симнат од крстот, на кој висам поради Твоето име, туку прими го мојот дух, Учителе мој…”
Земскиот свет го напуштил во ноември, 62 година. По неколку години, моштите на Свети Андреј биле пренесени во Цариград, каде се чуваат заедно со моштите на Свети Лука и Свети Тимотеј во храмот на Светите Апостоли.
Народни обичаи и верувања
Според народните верувања, Свети Андреј е заштитник на големите животни. Некогаш мечкарите го славеле Андреевден верувајќи дека тој ги смирува мечките.

На предвечерјето на празникот се подготвувал специјален колач „за мечки“ (мечкин колач) или се варела пченка, која се оставала на покрив да преноќи – ако „мечките не ја изедат“, семејството ја јадело наутро.
Обичајот денес преминал во малку поинаква варијанта, да се јаде пченка за благодат и заштита од светителот.
На овој ден, според традицијата, не се обработува кожа, ниту се работи со облека или со остри предмети, за да не се вознемират мечките. Се верува дека на овој ден мечките не се агресивни и дека се скротени кон луѓето, онака како што биле скротени пред светителот.



