Утре не заборавајте на децата, ова треба да го направите за благодат – го славиме светителот што дарува памет
Во црква или дома, пред икона, се пали свеќа „за благослов на домот“. Во народот се вели дека светлината на свеќата на овој ден ја „чува куќата од лоши мисли и тешки зборови“.

Православната црква утре, на 18 декември го одбележува споменот на Преподобен Сава Освештен, еден од најголемите светители и устроители на монашкиот живот на Истокот. Во народната традиција, празникот се почитува како крсна слава, а во црковните житија и богослужбени текстови,Сава е опишан како „жив пример на тивка сила, вера и духовна мудрост“.
Житие: од Кападокија до светилник на Истокот
Преподобен Сава Освештен е роден во селото Муталаск, во Кападокија. Уште на осумгодишна возраст го напуштил родниот дом и се замонашил, покажувајќи редок духовен повик за толку млада возраст. По десет години монашки живот, заминал во Палестина, каде што се задржал во манастирските заедници поврзани со светите Јевтимиј Велики и Теоктист.
Според житијата, прозорливиот Јевтимиј однапред прорекол дека Сава ќе стане славен монах, учител на монасите и основач на лавра поголема од сите дотогашни. По смртта на својот духовен отец, Сава се повлекол во пустина, каде што живеел во пештера и, според преданието, му се јавил ангел. Токму таму околу него почнале да се собираат ревнители на духовниот живот, што довело до основање на повеќе манастири и цркви.
Основал вкупно седум манастири, а особено значајна е неговата лавра, која станала духовен центар на монаштвото. Кај него дошле и Ерменци, на кои им одредил посебна пештера каде што богослужеле на својот јазик. По смртта на татко му, кај Сава дошла и неговата остарена мајка Софија, која тој ја замонашил.

Борба, вера и црковно наследство
Преподобен Сава претрпел бројни искушенија – од блиски луѓе, од еретици и, според житијата, од демонски напади.
Луѓето ги победувал со кротост и добрина, неверниците со вера, а демоните ги победувал со крст. Особено тешка била неговата духовна борба на гората Кастел, каде што го основал својот втор манастир.
Заедно со својот современик Теодосиј Велики, Сава Освештен бил сметан за еден од најголемите столбови на православието на Истокот. Се упокоил во 532 година, на 94-годишна возраст.
Во црковната историја, тој останал запаметен и како првиот што го уредил монашкиот чин на богослужение, познат како чин на Ерусалимската црква, кој подоцна силно влијаел врз православната литургиска традиција.
Обичаи и народни верувања
Празникот на Преподобен Сава Освештен се слави како крсна слава во многу православни домови. Во народното верување се смета дека овој ден носи духовна заштита, мир во домот и напредок во семејството.
Иако црковно е посветен на голем монах и подвижник, во народната традиција вечерта на празникот особено им припаѓа на децата.
Според обичајот, свети Никола ноќе (на 18 декември) ги обиколува куќите и им носи подароци на децата, кои се оставаат во детските чевли, поставени на прозорецот – секому според неговите заслуги.
Посебно се советува родителите да се помолат за децата – за здравје, памет и добар пат во животот, бидејќи Преподобен Сава уште како дете го избрал духовниот пат.
Според верувањето, сè што ќе се направи со тивка вера и добра намера на овој ден, се враќа како благодат во домот во текот на целата година.
Постои и верување дека женско дете родено на овој ден ќе има среќен и благословен брак, што дополнително го прави празникот радосен и значаен во народната свест.
Празникот на Преподобен Сава Освештен така останува спој на длабока духовна порака, богата црковна историја и живи народни обичаи што се пренесуваат од генерација на генерација.



