Утре ги славиме покровителите на здравјето – направете го ова за добро здравје на ближните и за себе
Утре ги славиме светите бесребреници Козма и Дамјан, заштитници на болните, сиромашните и сите што даваат без да бараат.

На 14 јули православните верници ги чествуваат светите бесребреници Козма и Дамјан Римски, лекари што лечеле без пари, чудотворци и покровители на здравјето и човечката добрина.

Познати се по тоа што лечеле и луѓе и животни без да земаат никаква награда, што е и значењето на зборот „бесребреници“ – оние што не земаат сребро, односно не работат за пари.
Тие се браќа по тело и дух, воспитани во христијански дух и од мали научени дека добрината не се продава. Нивното дело се проширило низ целиот христијански свет, а често се нарекуваат и „чудотворци“.
Според народните верувања, Козма и Дамјан се заштитници на лекарите, фармацевтите, ветеринарите, но и на сите што лечат, помагаат или се грижат за други. Тие се и покровители на добитокот, на сиромашните, на децата, па дури и на ковачите и занаетчиите.
Во некои македонски села денот кога се празнуваат овие светители бил нарекуван од минатото „Кузманов ден“ и бил поврзан со обичаи за здравје во семејството и добитокот. Се правеле гозби, се даваа дарови на соседите и сиромашните, а во некои региони било обичај домаќинките да подготвуваат пилешка чорба за здравје.
Во народната традиција се верува и дека ако некој ги сонува светите бесребреници, тоа е знак за духовна порака – дека треба да му помогне на некој, да се откаже од алчност или да покаже добрина без да бара нешто за возврат. Се советува лицето што ги сонува да направи некое добро дело тој ден, по можност тајно.
Но и без разлика на соништата, утре е денот кога ќе испросите добро здравје од светителите ако направите добро дело при тоа – тоа да остане во тајност. Односно оној што ќе ја прими добрината (подарокот, помошта и слично) да не знае кој е испраќачот.
Во црквите утре ќе се читаат тропари и ќе се служи литургија во нивна чест. Верниците обично палат свеќи за здравје и се молат за исцеление, духовно и телесно. Многумина веруваат дека молитвите упатени до Козма и Дамјан особено помагаат кога лекарите не можат да помогнат.

Светите Козма и Дамјан се пример за тоа како може да се живее со чесност, жртва и љубов без интерес. Денешниот свет има потреба од такви луѓе, а нивниот спомен е потсетник дека добрината нема цена.