„Драги мои, денеска за ручек решив да ја израдувам мојата драга фамилија и милата ми екипа со едно вистинско традиционално јадење – турли тава од душа!“, вели Зорка Јанчeва, споделувајќи го својот проверен рецепт кој го има подготвувано многупати, со љубов и инспирација од Тиквешијата.

Оваа турли тава е сочна, полна со свежи зеленчуци, има и месо, а се е печено до совршенство. Еве како да ја подготвите и вие дома:
Состојки:
2 парчиња свинско филе, исечени на покрупни парчиња, зачинети и запржени
1 тиквичка
1 модар патлиџан
1 жолта пиперка
1 црвена пиперка
3 суви пиперки
2 моркова
2 домата
2 главици кромид
1 кеса замрзната бамја
6 чешниња лук
1 компир
Свежо нане и магдонос

Сето ова се сече на покрупно, се зачинува со: сол, бибер, мешан зачин, оригано, црвен пипер и малку масло.
Се меша убаво, се додава запрженото месо и се става во тава. Одозгора се покрива со мрсна хартија што претходно сте ја омекнале во топла вода.
Се пече на 180°C околу 1 час и 30 минути, па потоа се вади хартијата и се враќа во рерна уште 30 минути да добие златна боја и неодолив мирис.

„Сè се крчкаше убаво, а на крајот добив тавче што мириса на детството. Мерак за јадење!“, завршува Зорка со насмевка.

Совет: Послужете ја топла, со парче леб, јогурт или кисело млеко. А ако ви остане за наредниот ден, уште поубава ќе биде!
„Пријатен апетит и бидете ми сите здрави и насмеани!“ – порачува вредната домаќинка Зорка.