Во време кога сè повеќе се враќаме кон корените, кон мирисите на детството и спомените на неделните ручеци во семејна атмосфера, рецептите што ги сочувале нашите баби добиваат нова вредност. Еден таков рецепт доаѓа од срцето на Тиквешијата, од вредните раце на тетка Зорка Јанчева, која вели:
„Сакав само да пробам дали ќе биде така вкусно како што се сеќавам… и беше уште повкусно!“

Таа споделува старински рецепт кој го нарекува „турли тава во тесто“, а резултатот е јадење што ќе ве врати назад во времето, а ќе ви ја згрее душата. Главното изненадување? Сето тоа е „затворено“ во домашно лебче, крцкаво однадвор и сочно однатре.
За тестото:
600 гр брашно
½ кесичка сув квасец
1 лажичка сол
50 мл масло
Млака вода – по потреба за да се замеси меко тесто
Сè се замесува и се остава тестото да нарасне 30 минути. Потоа се дели на 2 топки. Секоја топка се расукува како кора, од кои едната ќе биде основа, а другата капак.

За полнењето (турли тава):
Свинско филе (или месо по избор)
2–3 компири
1 мала тиквичка
1 модар патлиџан
1 главица кромид
2 чешниња лук
Свежо нане (мал сноп)
Сол по вкус
Бибер
Мешан сув зачин
Црвен пипер
Масло 3-4 лажици
Сè се сечка на коцки, се зачинува добро, се додава маслото и се промешува за да се соединиат вкусовите.
Како се составува:
Во длабок сад за печење или тенџере (длабока тава), се става едната расуканата кора како подлога. Врз неа се истура целата смеса од турли тавата. Потоа се покрива со втората кора и се „затвора“ како пециво – по рабовите се спојува, а одозгора може да се оформи како венец или да се остави како капак.

Одозгора се премачкува со едно разматено јајце.
„Го нарекувам ова јадење ‘топлина во кора’ – вели Зорка – кога ќе го исечеш, излегуваат мириси што ти го стоплуваат срцето.“


Печење:
Се пече во претходно загреана рерна на 200°C околу 45 минути или додека добие златна боја. Сè зависи од вашата рерна, но најдобро е последните 10 минути да се следи бојата.
Овој рецепт е идеален за неделен ручек, за да ја воодушевите фамилијата што ќе ја соберете околу трпезата. Крцкавата кора, богатата турли тава внатре, мирисот на нане и печен кромид сè тоа носи незаборавно чувство.

„Да сме сите здрави и насмеани“, вака нè поздрави Зорка, посакувајќи ни пријатен ручек.