Тука се прават најдобрите детски журки без родители – како Елена Стојановска создаде магично катче каде децата се ѕвезди на подиумот
Диско Кидс“ не е класична игротека, туку тематски простор за забави, журки, каде главен акцент е ставен на музиката, танцот и вистинската диско атмосфера прилагодена за детска возраст.

Во време кога децата се сè повеќе во дигиталниот свет, таа одлучи да им подари вистинско, реално, светлечко место за забава. Елена Стојановска е мајка, претприемачка и визионерка која го основа првото специјализирано диско за деца – „Диско Кидс“, каде најмладите уживаат во музика, светлосни ефекти и журки без присуство на родители, но со целосна сигурност.
Во интервју за гламур.мк, Елена открива како настанала идејата, што најмногу ги радува децата и зошто родителите сè почесто сакаат и тие да се приклучат на подиумот.

Кога и како се роди идејата за отворање на диско за деца, дали бевте инспирирана од некое лично искуство или од потреба што ја забележавте во заедницата?
– Идејата за „Диско Кидс“ се роди од комбинација на лично искуство и реална потреба што ја забележав како родител, особено кај децата на возраст од 7 години па нагоре, колку што имаше мојата ќерка во тој момент. Бев во потрага по простор, по место каде што акцентот ќе биде ставен на децата и нивната забава, журка, без притоа родителите да имаат какви било грижи околу самата организација и безбедност на децата.


Со што се разликува детското диско од класичните детски игротеки? Што нуди вашето катче што другите места не го нудат?
– „Диско Кидс“ не е класична игротека, туку тематски простор за забави, журки, каде главен акцент е ставен на музиката, танцот и вистинската диско атмосфера прилагодена за детска возраст. Наместо вообичаените играчки и гужви од трчање, кај нас децата уживаат во светлечки подиум, диџеј музика, светлосни ефекти и интерактивни игри водени од наши аниматори.
Она што нè издвојува е концептот „детска журка без родители“- безбедно е и организирано, со цел да се развие самостојност кај децата. Тука имаме автентична диско атмосфера – светлечки подиум, smoke machine, музика по избор, а имаме и тим на аниматори – што водат игри, танцови предизвици и забавна програма.

Секако, забавата не поминува и без фотографирање и видео спомени – со професионално осветлување и позадини. И најважно, станува збор за затворен приватен простор, резервиран само за вашето дете и неговите гости, без мешање со други групи.

Кој дел од организирањето родендени и детски забави е најголем предизвик, а кој дел е најголемо задоволство за Вас лично?
– За мене, најголем предизвик е да ги натераме сите деца да се приклучат во игрите. Особено на почетокот на роденденот, кога повеќето се срамежливи, а особено момчињата, па треба многу внимание и енергија за да се опуштат, да почнат да играат, да си нарачуваат песни и навистина да уживаат.
Но, токму затоа, најголемото задоволство доаѓа на крај, кога не сакаат да заврши забавата, кога децата се распеани и разиграни, а родителите позитивно изненадени што првпат го гледаат своето дете како танцува и се изразува со толку радост и слобода.

Каква музика преферираат денешните деца? Дали некогаш сте имале „детски диџеј“, некое дете што самото сака да пушта музика и да ја води забавата?
– Денешните деца се многу поврзани со современата музика и најактуелните трендови. Најмногу поп и денс хитови, како и песни што станале вирални преку Тик-ток.
Момчињата често ги сакаат натпреварувачките и спортските песни, додека девојчињата преферираат мелодични и весели песни со позитивна енергија. Во „Диско Кидс“ внимаваме да ги следиме најновите музички трендови за да им овозможиме на децата вистинско уживање и забава.

Често се случува да сакаат да застанат покрај диџеј пултот и самите да ја контролираат музиката – да нарачуваат, менуваат или дури да прават „сет-листи“. Но, уште почесто им е интересно да се во улогата на аниматор, да водат игри, да ги најавуваат активностите и да бидат „водичи на забавата“.
Дали и родителите може да се вклучат во забавата, на подиумот?
– Секако! Родителите се секогаш добредојдени да се вклучат во забавата и да се забавуваат на светлечкиот подиум заедно со децата. Често ни се случува и тие да нарачаат песни, па така се создава вистинска заедничка атмосфера и незаборавни моменти.
Кое е најнеочекуваното или најсмешното нешто што ви се случило на некоја детска диско-забава? Некој момент што никогаш нема да го заборавите?
– Интересен а и неочекуван беше моментот кога шест девојчиња решија да прават селфи во тоалетот, кој резултираше со скршена тоалетна школка. За среќа, немаше повредени (се смее, н.з).
Децата често кажуваат искрени и смешни коментари, што е најслаткото нешто што ви рекло дете по завршена забава?
– Децата навистина знаат да изненадат со нивните искрени коментари, и меѓу себе, и директно упатувајќи ги до нас. Ном најдраги ни се моментите кога роденденот сè уште не е ни завршен, а веќе им велат на родителите: ‘И следната година пак тука сакам!’ Тоа е најубавата потврда дека сме создадале вистинско доживување.


Исто така, секогаш ни се полни срцата кога ќе видиме некоја симпатична порака напишана на ѕидот – цртеж, „најубаво ми беше“, или едноставно срце со име на другарчето.
Што е следно? Планирате ли нови формати, тематски забави или проширување на концептот и во други градови?
– Веќе имавме одлични искуства со организација на журки за крај на учебната година, и сакаме да понудиме слични опции и за Нова година, со забави во стилот на лотарии и ‘Сикрет Санта’.
Исто така, „Диско Кидс“ е подготвен да понуди и филмски роденденски пакети, односно, тематски забави инспирирани од омилените филмови. Сепак, засега го чекам вистинскиот момент да го лансирам овој формат, за да биде навистина совршен за децата и нивните родители.
Што се однесува до проширувањето, засега во план е само да се опфати другиот дел од градот; значи уште едно „Диско Кидс“ во Скопје.