Три пијалаци што се добри за здравјето на цревата и црниот дроб – ќе се изненадите што се најде на листата
Комбинацијата од ферментирани, природни и антиоксидативни пијалаци може значително да придонесе за подобра работа на цревата и црниот дроб. Клучот не е во „брзите решенија“, туку во умереноста и постојаноста.

Нашите црева и црниот дроб имаат клучна улога во варењето на храната, детоксикацијата и метаболизмот. Кога не функционираат како што треба, тоа често го чувствуваме преку замор, надуеност или проблеми со варењето. Еден едноставен, но ефективен начин да се поддржат овие системи е преку изборот на пијалаци кои го поттикнуваат здравјето на дигестивниот тракт и функцијата на црниот дроб.
Според нутриционистите, ниту еден пијалак сам по себе не може „чудесно“ да ги реши сите проблеми, но во комбинација со урамнотежена исхрана и доволно внес на течности, неколку природни пијалаци можат да направат вистинска разлика.
1. Кефир – пробиотски сојузник за здрави црева
Кефирот е ферментиран пијалак богат со пробиотици -„добри“ бактерии кои ја одржуваат рамнотежата на цревната флора. Редовната консумација на кефир поттикнува раст на корисните бактерии, го намалува воспалението и ја подобрува дигестијата.

Освен тоа, кефирот ја стимулира продукцијата на масни киселини со краток ланец, кои ги хранат клетките на цревата и ја зајакнуваат нивната заштитна бариера. Поради својата лесна структура, нутриционистите го препорачуваат на лица со чувствителен дигестивен систем особено по третман со антибиотици, кога микробиомот е нарушен.
Совет: пијте чаша кефир дневно, најдобро наутро или по лесен оброк, за да го поддржите варењето.
Advertisement
2. Топла напивка од лимон – природен поттик за црниот дроб
Пиењето топла напивка од цеден лимон со вода наутро е едноставен начин да се активира метаболизмот и да се поддржи црниот дроб. Лимонот содржи соединенија што го стимулираат создавањето жолчка, неопходна за разградување на мастите и елиминација на токсините.
Богат со витамин Ц, лимонот ги штити клетките на црниот дроб од оксидативен стрес и придонесува за подобра апсорпција на железо.

Иако не е „чудотворен детокс“, една чаша топла напивка од лимон на празен стомак може да ги поттикне природните процеси на прочистување на организмот и да овозможи подобра дигестија во текот на денот.
Совет: измешајте сок од половина лимон во чаша млака вода (не жешка, за да не се уништи витаминот Ц).
3. Кафе – умерената доза може да биде корисна
Навистина изненадувачки, но и кафето се најде на оваа топ 3 листа. Иако кафето најчесто го поврзуваме со енергија и будење, бројни студии покажуваат дека умерената консумација на кафе може да има заштитно дејство врз црниот дроб.
Истражувањата укажуваат дека лицата кои пијат 2-3 шолји кафе дневно имаат помал ризик од хронични заболувања на црниот дроб, како што се фиброза и цироза.
Кафето го поттикнува создавањето жолчка, а со тоа и поефикасно разградување на мастите. Сепак, нутриционистите предупредуваат – претераната количина може да предизвика спротивен ефект и да го иритира желудникот.

Совет: изберете црно кафе без шеќер, без додатоци и кремови, и ограничете го внесот на 2-3 шолји дневно.