Три години без скопјанецот Аки Рахимовски – „парите не се важни, најважно е семејството“
Целиот регион се уште тагува за прераната смрт на фронтменот на Парни Ваљак, а за неговата големина доволно сведочат изјавите на неговите соседи, „обичните луѓе“, со кои деновите ги минуваше во локалното кафуле.
Аки Рахимовски засекогаш ќе остане впишан во македонската, хрватската и воопшто југолсовенската музичка историја како еден од најпрепознатливите вокали на овие простори.
Неговото вистинско име е Александар, но Аки му беше прекарот. Роден е во Ниш (1955), но веднаш се преселиле во Скопје каде израснал и од мали нозе се занимавал со музика.
Неговиот татко, наставник по музика, го поттикнал неговиот интерес за музика, а Аки уште како дете почнал да свири на пијано и тапани и на седумгодишна возраст се запишал во музичко училиште каде посетувал и часови по пеење.
Веќе во тинејџерските години, тој се приклучува на различни рок бендови, што го означи почетокот на неговата кариера, а со Парни Ваљак конечно ја испишуваат историјата на ју-музиката.
Не сакаше да зборува за приватниот живот
„Приватното си е приватно. Едноставно, не сакам да зборувам за тоа и готово“ – истакна во една прилика пејачот кој зад себе остави три деца.
Синот Кристијан го доби од неговиот прв брак, ќерката Дина која ја доби во 40-годишниот брак со мистериозната Ингрид, и ќерката Антонија, која ја доби кога тој имаше 65-години (2020) со Словенката Барбара Весел.
Српските медиуми пишуваа своевремено дека Аки наводно долги години бил во тензичен однос со синот Кристијан, но од друга страна пак, Аки изјави дека Кристијан е негова крв од која не може да се побегне, и дека целото семејство често знае да се собере во Скопје на заеднички прослави. Кристијан тргна по музичките стапки на татка си.
Подоцна, Аки стана дедо на Давид, дете од бракот на Кристијан со поранешната девојка Николија, како и на Филип, кого Кристијан го доби во бракот со Ивана Рахимовски.
„Парите не се важни. Најважно е семејството. Кога ќе ги земам своите внуци, сфаќам што е најважно на светот. Не се тоа парите, семејството е“ – зборуваше Аки.
Односите на таткото и синот се подобрија, и тој стана негова главна поддршка во животот. Двајцата се слушале речиси секојдневно, а така било и последниот пат, не наслутувајќи дека нешто ќе се случи. Таа вечер, како што известуваа српските портали, Аки му рекол на синот поради пандемијата да внимава на себе и на семејството.
„Видиш дека короната лудува, само внимавај на здравјето, немој да пушиш, чувај се себе и своите“ – му рекол Аки на Кристијан ден пред да почине.
View this post on Instagram
Следниот ден со партнерката Барбара и нивната ќерка отишле на излет во близина на Ново Место, каде што му се слошило.
Доживеал мал мозочен удар во 2018 година
Во април 2018 година, Рахимовски доживеал благ мозочен удар, поради што на извесно време беа откажани сите концерти на бендот Парни ваљак. Пред тоа со денови се чувствувал лошо, а дијагнозата само ја потврдиле во болница, тогаш пишуваа хрватските медиуми.
„Сега се е во ред, тоа се гледа по мене. Ги променив животните навики, искрено беше тешко, но се ќе биде навистина ок“, изјави тогаш Рахимовски.
По мозочниот удар го променил начинот на живот. Почнал да внимава на исхраната, да ги исклучува кафето и цигарите и максимално го избегнувал стресот. Пет месеци по мозочниот удар, тој најави враќање на сцената и концерт во Виена.
Хрватските медиуми тогаш пишуваа и дека на Рахимовски му биле вградени четири стента во една загребска клиника. Сите околу пејачот веруваа дека ова ќе биде крај на неговите сериозни здравствени проблеми. По операцијата, Рахимовски се вратил во словенечко Ново Место, каде што живееше со Барбара и ќерката.
„Веднаш ме праша дали ми требаат пари“
Целиот регион се уште тагува за прераната смрт на фронтменот на Парни Ваљак, а за неговата големина доволно сведочат изјавите на неговите соседи, „обичните луѓе“, со кои деновите ги минуваше во локалното кафуле.
Томаж е еден од оние кои ја имале честа да го запознаат Аки и да поминат денови со него во пријатно друштво со пијачка во Кафе Бар Вива, зборувајќи за музиката, животот и секојдневните ситуации, како и за авантурите на Аки од концертите и од турнеите.
„Се сеќавам точно на денот кога го запознав. Мислев дека нема ни да дојде кај нас, што јас воопшто можам да разговарам со една ваква музичка ѕвезда? На крајот испадна дека многу се зближивме и не ми се верува дека повеќе нема да го видам“, изјави Томаж по смртта на Аки за Јутарњи.хр.
– Беше навистина човек! Едноставен човек, скромен и секогаш подготвен да помогне. Никогаш нема да заборавам кога му кажав како не можам да одам кај сестра ми во Вараждин, која живее таму веќе 40 години, па тој беше подготвен да помогне на секој начин само за да го остварам тоа. Веднаш ме праша дали ми требаат пари и ми понуди да ми даде“ – додава Томаж.