Трагичен крај на најдолгиот бакнеж – животот им приреди неочекуван и тажен престврт на светските рекордери
Љубовната приказна на тајландскиот пар Екачаи и Лаксана Тиранарат, кои го поставија Гинисовиот рекорд за најдолг бакнеж, доби неочекуван и тажен пресврт.

Некогашната вљубена двојка, Екачаи и Лаксана Тиранарат од Тајланд, останаа запишани во историјата како носители на Гинисовиот рекорд за најдолг бакнеж, кој траеше неверојатни 58 часа, 35 минути и 58 секунди.

Но, иако нивната љубов некогаш беше доволно силна за да издржи скоро три дена непрекинато бакнување, денес тие веќе не се заедно.
Во неодамнешно интервју за Witness History на BBC Sounds, Екачаи откри дека тој и Лаксана раскинале, но дека и покрај тоа, тој останува горд на нивното достигнување.
„Тоа беше едно уникатно искуство во животот. Се трудам да се сеќавам на убавите моменти и на тоа што го постигнавме заедно“, изјави тој.
Кога љубовта станува рекорд
Оваа приказна започнува во 2011 година, кога двојката првпат одлучила да се натпреварува во овој необичен предизвик. Тогаш, без некој поголем план или амбиција за рекорд, тие учествуваа во натпревар кој се одржува традиционално само неколку дена пред Денот на вљубените.
Лаксана тогаш штотуку закрепнала од долг период на болест, а Екачаи сакал да ја изненади со малку поразлично искуство. Но, кога дознале дека победниците ќе добијат 50.000 тајландски бахти (околу 1.500 евра) и дијамантски прстен, решиле сериозно да се посветат на натпреварот.
Нивниот прв обид заврши со 46 часа и 24 минути непрекинато бакнување, што им го донесе првиот светски рекорд. Но, следната година, во 2012, кога Екачаи се разболел и не можел да учествува, друг пар успеал да го собори нивниот рекорд.
Затоа, во 2013 година, решени да си го вратат првото место, тие повторно се пријавиле – и овојпат, издржале дури 58 часа и 35 минути, освојувајќи не само нов светски рекорд, туку и 100.000 тајландски бахти (околу 3000 евра) и два дијамантски прстени.

Правила што ја тестираат љубовта
Иако ова звучи како романтично искуство, натпреварот бил далеку од тоа. Според строгите правила на Гинисовата книга на рекорди, учесниците морале да ги исполнат следниве услови: унсите мораа да бидат споени во секој момент, можат да одат во тоалет, но без да го прекинат бакнежот, пиењето вода било дозволено, но само преку пренесување со уста, не смееле да седат или да се потпираат – морале да стојат цело време, никакви помагала за поддршка не биле дозволени.
Екачаи се сеќава дека во првите часови натпреварот бил „возбудлив и забавен“, но како што поминувало времето, станувало сè потешко и понеподносливо.
„На почетокот беше лесно, но веќе по 20 часа едвај стоев на нозе“, раскажува тој.
За да не се онесвестат од исцрпеност, тие развиле стратегија – наместо да се штипат за да останат будни, се тапкале по главите и се гушкале за поддршка.
Додека траел натпреварот, повеќе од половина од паровите не издржале и се откажале. Во завршната фаза, во конкуренција останале само две двојки.
Во последните моменти, противничката двојка направила клучна грешка – заспале, а нивните усни се разделиле, со што Екачаи и Лаксана станале новите шампиони.
„Кога видов дека другата двојка ги раздели усните, знаев дека победивме. Но, немавме сила ни да се радуваме. Единствено сакав да пијам вода и да легнам“, се сеќава Екачаи.
Рекорд што ќе остане вечен
Овој рекорд не само што останува ненадминат до денешен ден, туку и никогаш нема да биде надминат – затоа што Гинисовата книга на рекорди одлучи да ја укине оваа категорија, оценувајќи дека натпреварот станал препремногу опасен за учесниците.
Одлуката беше донесена во 2013 година, веднаш по нивната победа, а главната причина беше ризикот по здравјето на учесниците, како и некои правила што веќе не се совпаѓале со новите политики на организацијата.
Денес, дури и по разделбата, Екачаи и Лаксана остануваат вечни носители на рекордот за најдолг бакнеж во историјата.
Иако нивната љубов не издржа, нивното име останува засекогаш запишано во Гинисовата книга на рекорди.