Серијата „Бескрајна ноќ“ (Todo Dia a Mesma Noite), која беше емитувана на Нетфликс (Netflix) во 2023 година, е инспирирана од вистинскиот настан што се случи во Санта Марија, Бразил, во 2013 година.

Тогаш, во еден ноќен клуб, пожарот избувнал откако при настап на музичка група биле употребени пиротехнички ефекти, кои пак, предизвикале пожар, стампедо и задушување од чад. Во таа трагедија загинаа 242 лица, а повеќе од 600 беа повредени.

Трагедијата во Кочани, каде што во пожар во клубот „Пулс“ загинаа најмалку 59 лица, а над 150 се повредени, потсетува на овој кобен настан од Бразил.
Преживеаните сведочат за сцени на хаос и стампедо, при што голем број жртви не успеаа да се спасат поради брзото ширење на огнот и единствениот мал излез – вратата.
На видеата што кружат на социјалните мрежи се гледа идентична сцена како во серијата „Бескрајна ноќ“ – клуб исполнет со млади луѓе, пламен што се шири од таванот, паника и луѓе кои се борат да излезат.
Како што беше случај во Бразил, семејствата на жртвите во Кочани бараат одговорност од сопствениците на клубот и надлежните институции. Македонија прогласи седумдневна жалост, додека соседните земји како Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија вчерашниот ден го прогласија за ден на жалост во знак на почит кон настраданит.

Трагедијата ги поттикна граѓаните да постават прашања за безбедноста во клубовите, пропустите во надзорот и потребата од построги регулативи за спречување на вакви несреќи во иднина.