„Тошо Малерот“ со искрена исповед – Работел во фабрика во Австралија, а на првиот ден го снајде голем малер

Васко Тодоров – на македонската публика најпознат како Тошо Малерот од легендарната емисија „К-15“ – откри детали од периодот кога на 50 години го напуштил Скопје и почнал од нула на другиот крај од светот.
Во искрената исповед, објавена на инстаграм-страницата на „К-15“, Тодоров раскажува дека во Австралија работел секаква работа за да се снајде во новиот живот.
„Во Австралија отидов на 50 години. Работев сешто – во фабрики, во магацини…“, вели Васко, додавајќи дека првите месеци му биле навистина тешки.
Но, најголемиот шок го доживеал веднаш по пристигнувањето.
„А, прво стапнување таму – крши нога“, открива актерот, опишувајќи го несреќниот почеток кој дополнително му го отежнал привикнувањето на новиот живот.
Целата негова приказна ќе биде претставена во документарниот филм „К-15: Од другата страна“ – проект што најавува интимни сведоштва, невидени архивски снимки и ретки моменти зад сцената од култната хумористична група. Филмот е во режија и сценарио на Ико Каров, со продукција на BDG Agency и Good Mood Media, а премиерата е закажана за 5 декември во Македонскиот народен театар.
На профилот на „К-15“ се споделуваат и дополнителни детали за содржината, во која свои приказни раскажуваат Бубо Каров, Бранко Огњановски и самиот Васко Тодоров.




