Том е млад и перспективен, а со Цеце се одличен тандем – убавецот плени со елеганција и интелигенција
Убавецот од коњичкиот клуб „Бравадос“ плени со интелигенција и елеганција — „Том е предизвик, но вреди со него секој поминат миг“, вели јавачката Цеце Георгиев.

На 11 мај во коњичкиот клуб „Анималс“ се одржа второто коло од Државното првенство по дресурно јавање, а вистинска ѕвезда на настанот беше младиот пастув Том од расата фризиец, кој заедно со својата јавачка Цеце Георгиев го освоија третото место.

Том е млад и перспективен коњ со благородно потекло – расата фризиец потекнува од Холандија и се одликува со своето впечатливо црно, сјајно крзно и густа, долга грива.
Иако е во коњичкиот клуб „Бравадос“ само неколку месеци, веќе ги краде срцата на сите посетители и љубители на коњите.

„Том е исклучително интелигентен коњ. Брзо ги учи дејствијата кои се потребни за дресура, внимателен е и соработлив. Со млади коњи секогаш е предизвик да се работи, а нашиот труд се покажа и на натпреварот. Дресурното јавање е доста специфично, бара голема концентрација на јавачот и послушност на коњот“ изјави Георгиев за гламур.мк по доделувањето на наградите.
Постигнатиот успех на Георгиев и Том е уште позначаен имајќи предвид дека станува збор за релативно нов тандем на сцената, со голем потенцијал за иднина.

Според познавачите, ова е само почеток за Том и Цеце — тим кој ветува многу.