Тито го нема, но братство и единство цутат во кумановска зграда – Комшиска „работна акција“ на украсување на влезот (фото)
Импресионирани од празничниот подвиг, а особено од нивната комшиска слога, благодарејќи на која го имаат најубавиот влез во Македонија, разговараме со станарката Славица Јованоска.

Цитат од „Тетовирани души“ на мајсторот на зборот, Горан Стефановски вели – „во еден град не се поднесуваат две маала, во едно маало две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез два стана, во еден стан две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајца се мразат самите себеси. Каде води тоа? Ако е така, тогаш нема спас. А, без спас нема живот. А, без живот нема ништо“.
И навистина, денес е и повеќе од така. Но, тоа не важи и за станарите на една нова зграда во центарот на Куманово. Влезот на зградата е празнично украсен, а мајсторските вештини во декорирањето ги покажаа сите 14 станари.
Како дошло до оваа мотивирачка приказна ни раскажува Славица Јованоска. Таа ја започнала иницијативата, украсувајќи елка и поставувајќи ја пред вратата на станот.
„Ајде да видиме реакција на станарите“, си помислила тогаш Славица, но – на нејзино пријатно изненадување – добила бројни пофалби.
„Веднаш се јавива на заедничката вибер група, која ја имаме со другите станари, и прашаа кој ја накити елката“.
А сопругот на Славица се огласил – „ајде комшии, јас елката, вие лампиони донесете“.
И така започнала китечката акција. Секој си донел од дома што си има, лампиони, украси, светилки…Традицијата на китење влез продолжува веќе петта година.

„Влезот не се кити само со елка и украси, туку за Бадник се носи бадниково дрво и околу него се кити со тикви, пченка, коледарска торба, стапче и две кукли-селанки, а на подот се става слама“, вели Славица.
Секој од соседите се труди да најде и донесе по некој интересен детаљ на оваа тема.
„Си ги викаме малите дечиња да ни помогнат во китењето, а тие се радуваат, си играат и со радост трчаат наоколу“, додава вредната и креативна станарка.
Нормално, секој кој ќе влезе во влезот на оваа зграда, пријатно ќе се изненади. Има и такви кои фотографираат меѓу овој весел празничен декор.
Па и за фотографирање е! Треба да се овековечи мигот на братството и сестринството, на единството и слогата, кое стана вистински куриозитет во овие нарцисоидни и себични времиња.
Славица ги советува сите поблиски и подалечни комшии, знаници и незнаници, пред Божиќните празници да ја покажат својата најубава страна, да покажат слога и добрина.
„Извадете по нешто од подрумите и можете да создадете едно вакво празнично катче, што не кошта речиси ништо, а ќе ве направи среќни и весели, и вас и сите околу вас“, заклучува нашата соговорничка.