На блогот Laurenslatest најдовме една рецепта за тесто за пица за кое авторката на блогот тврди дека мора да ви успее без разлика на вашите кулинарски способности.
Овде го приложуваме основниот рецепт за тесто за пица од кое исто така можете да направите и фантастични стапчиња со сирење и лук.
Потребни состојки:
Основно тесто за пица
· 1 шолја (250 мл) топла вода
· 2 ¼ лажички сув квасец
· 1 лажица мед или шеќер
· 2 лажички сол
· 2 лажици маслиново или обично масло
· 3 шолји брашно за леб и пецива
За стапчињата со сирење и лук
· 2 лажици стопен путер
· 2 чешниња лук, ситно исечкани
· ¼ шолја изрендан пармезан
· 120 гр. изрендана моцарела
Замесете го тестото за пица. Во поголем сад измешајте го убаво квасецот, медот/шеќерот и топлата вода и оставете да отстои 10-15 минути квасецот да се активира и да почне да се пени. Потоа додадете сол, масло и половина од брашното па се убаво измешајте. Остатокот од брашното додавајте го дел по дел додека не ја добиете саканата густина на тестото, кое треба да биде меко, но да не се лепи. Кога ќе добиете такво тесто месете го околу 6 минути. Кога убаво ќе го измесите, оставете го тестото да стасува 1-2 часа во соодветен сад намачкан со масло и покриено со пластична фолија или кеса. Кога тестото ќе стаса можете да го користите по ваша желба за пица или за стапчиња со лук и со сирење.
Вклучете ја рерната да се загрева на 250C заедно со каменот за пица, а ако немате камен, земете една голема тепсија, свртете ја наопаку и ставете ја во рерната да се грее.
Измешајте го растопениот путер со исечканиот лук и оставете го на страна.
На мрсна хартија, со сукалка развлечете го тестото во круг со дијаметар од триесетина сантиметри па премачкајте го со смесата од лук и путер, па богато посипете моцарела и пармезан.
Заедно со хартијата ставете го тестото на загреаниот плех и печете 9-10 минути. Извадете го тестото од рерната, оставете го да се излади 1-2 минути па исечете го на ленти.