Театар Комедија вечерва премиерно ќе ја изведе претставата „Трудна приказна“ по текст на Благица Секулоска, а во режија на Лидија Дедовиќ од Црна Гора.
Уметничкиот директор на Театар Комедија Андреј Цветановски на прес-конференција ја соопшти програмата која ќе ја работат годинава, односно класици на комедијата. „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир е предвидена за 27 март со што ќе се одбележи петтиот роденден на Театар Комедија, „Човек, ѕвер и крепост“ во режија на Нени Делместре, на авторот Луиџи Пирандело и „Микс Чехов“ во режија на младите Димче Николовски и Теа Беговска од Драмски театар и „Развратникот“ од Ерих Емануел Шмит, а во режија на Здравко Митков.
Театар комедија предвидено е годинава да учествува на два фестивали со „Случајот Хармс“, на „Нитра фест“ во Нитра, Словачка и на „Сараевска зима“.
Цветановски истакна дека „Трудна приказна“ е поддржана од Министерството за култура и е дел од проект почнат во 2016 година со Црна Гора.
– Темата на проектот е кршење на традицијата и овој текст е дел од тој проект. Мислиме дека традицијата како една од основните теми во театарот може да ја разгледаме на еден современ, постмодерен, свеж начин и со млади авторски екипи и актери да стигнеме до очекувани резулати кои ќе го збогатат нашиот репертоар – рече Цветановски.