Тажни 40 дена без него – Колегите од македонската сцена со трогателни сеќавања за Панчо од „ДНК“

Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.

Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
„Пред девет години заедно славевме… а денес, 2025, броиме 40 дена откако те нема. Тешко е да се поверува“, напиша емоционално Елена.

Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.

Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Иако помина повеќе од еден месец од трагедијата, јавноста и музичката сцена сè уште силно ја чувствуваат загубата на артист чија енергија и харизма го обележаа современиот македонски поп и хип-хоп.



