„Татко ми почина пред моите очи“ – Јоце Панов откри болни сеќавања од детството (Видео)

Пејачот Јоце Панов, кого јавноста го познава по долга и успешна музичка кариера, откри емотивни детали од своето детство и семејниот живот во интервју за емисијата „Животна приказна“. Малкумина знаат дека покрај тоа што е уметник, Јоце е и професор по музичко во средно училиште во Скопје, сопруг и татко на синот Лука — улоги во кои, како што вели, ја наоѓа својата најголема смисла.
„Сопругата Марина и синот ми се целиот свет. Откако ја изгубив мајка ми, ништо не е исто,“ искрено призна Панов, кој никогаш не ја преболел нејзината смрт.
Advertisement
Во разговорот, пејачот се наврати на своето детство во Штип и на трагичниот момент што му го променил животот — смртта на татко му, кој починал на само 49 години од мозочен удар.
„Татко ми не беше болен. Седеше со комшијата кога му се фати едната страна. Се сеќавам како стоев во темната улица, сам, и ја чекав брзата помош. Тој момент никогаш нема да го заборавам. Следното утро веќе го немаше. Тогаш сфатив дека детството заврши и дека морам да бидам столб на фамилијата,“ раскажа тој со трепет во гласот.
Панов откри дека неговите родители чекале цели 11 години да се роди — мајка му неколкупати останувала бремена, но несреќно ги губела бебињата.
„Јас сум осмото дете што било зачнато, а прво родено,“ рече тој.
По него, мајка му родила уште брат и сестра.
По смртта на татко му, семејството останало само, а мајката, како што вели, станала нивниот најголем херој
„Работеше двократно, а за викенди одеше да чисти станови и куќи за да нè изведе на прав пат. Таа беше посебна жена,“ раскажува Панов.
Најтешкиот момент дошол во 2017 година, кога и мајка му ја изгубила битката со животот.
„Како да чекаше да станам на свои нозе. Само што купив стан и ја запросив Марина. Сакаше да ужива барем малку, но животот не ѝ даде време,“ вели пејачот.



