Татјана Стојановска никогаш поженствена – водителката блесна во елегантно издание на Виенскиот бал
Балот и оваа година доби хуманитарна нота – средствата ќе бидат наменети за помош во Кочани. Присутни беа и идни студенти, во насока на приближување на австриската и македонската култура кон младите генерации.

Синоќа во Скопје, во хотелот „Александар Палас“, по 24-ти пат се одржа традиционалниот Виенски бал, под покровителство на Амбасадата на Република Австрија, Градот Виена и Министерството за култура, а во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“.

Настанот привлече бројни јавни личности и љубители на уметноста, музиката и гламурот. Меѓу присутните беше и познатата водителка Татјана Стојановска, која блесна во елегантна црна модна комбинација, дополнета со впечатливи Сваровски обетки.

Таа се појави во друштво на својот партнер, привлекувајќи многу погледи и комплименти.
Гостите на балот уживаа во звуците на виенскиот валцер и екстравагантната музика на Штраус, со изведби од оркестарот „Јохан Штраус“ под палката на Бисера Чадловска, балетски настапи од првенците на Националната опера и балет, танчари од клубот „Прима данца“, а настапи и Калиопи.

Специфичниот дрес код на Виенскиот Бал – свечени тоалети за дамите и смокинг или темни одела за господата – беше строго почитуван, со што гламурозната атмосфера на овој настан повторно беше на највисоко ниво.
Виенскиот Бал во Скопје останува симбол на културната соработка меѓу Македонија и Австрија, како и вистинска прослава на музиката, танцот и хуманоста.