
Ивана Димитрова, инструкторка по латино танци, својата танчарска приказна ја започнала на 15-годишна возраст.

Две години претходно, била посветена на јогата, земајќи часови по јога кај нејзината баба. Но, како што ни објаснува нашата секогаш весела и насмеана танчарка, а сепак, голем професионалец, групата по јога се растурила, па сакала да се пренасочи на нешто што е слично на тоа.
„Но, не е сѐ како што посакуваме“ – вели Ивана – „На почетокот на шала ја прашав мојата тетка која беше инструктор по латиноамерикански танци со нејзиниот партнер Диме. Школото за танц се нарекува „Сонриса“, таму почнав да посетувам часови по зумба, и така една година… Ми беше многу интересно“.
Пред часовите зумба имало часови по салса, па Ивана секогаш доаѓала порано за да ги гледа како танцуваат. Веќе следната година почнала со часови по салса.

„Во таа иста година истовремено учев бачата и кизомба, така сите три танци ги научив за една година. Инаку инспирација ми беше мојата тетка Нина Лековска која до ден денес танцува прекрасно“ – со насмевка ни раскажува Ивана на почетокот на разговорот.
Инаку, благодарение на активностите на Ивана и Кате, на организирањето на забави за латино танци (најмалку) два пати во неделата во популарни кафулиња во Скопје, многумина сè повеќе ја откриваат убавината на танците, не само како забава, туку и како начин да останат физички активни и социјално ангажирани.
Интересно е што на овие забави секој може да танцува со секого, без разлика на степенот на напредност во танцот, да учи од секого или да подучи некого, а уште поинтересно е тоа што сите оние кои се дел од овие танцови забави се на сосема различна возраст.

Забавите знаат да обединат дури три генерации преку танцот, со совршено разбирање меѓу танчарите. И ниту на едно друго место во Скопје нема да почувствувате поголема животна радост, поголема слава на Љубовта, на добрината, на разбирањето, зашто на ниедно друго место низ градот среќата не се трансформира во ментална состојба, како со овие луѓе, тука.
Кој е најголемиот предизвик што го имаше додека ги учеше и усовршувавте овие танци?
– Мојот предизвик беше да станам најдобра во танцувачкиот свет, да бидам подобра дури и од професионалните Кубанци, но секако дека нив не може да ги замени никој. Осум години бев дел од танцовиот клуб „Сонриса“, потоа се префрлив во „Ка-денс“.

Какви сѐ часови се нудат во училиштето за танци „Ка-денс“ и како изгледа еден час?
– Тука часовите се одвиваат една група еднаш неделно, час и половина. Со мојата колешка Кате држиме часови по салса, бачата, кизомба, зумба, часови за прв свадбен танц и имаме многу соработки за настапи на различни настани, на пример, на прослави, родендени, матурски, свадби, кабареа…

Колку време е потребно за почетниците да почувствуваат напредок?
-На почетниците им се потребни најмалку шест месеци за да можат да играат на забави (забави по латино танци се организираат неколку пати во неделата во различни кафулиња во Скопје, н.з), но тоа не значи дека не може и порано, доколку се упорни. Исто така, можат и од забавите да се усовршат, со самото вежбање со понапредни партнери-танчари.

Какво влијание имаат овие танци врз самодовербата и социјалниот живот на луѓето? Кога сме кај социјалниот живот, постојат ли дружења преку танци и надвор од школата?
– Влијаат многу убаво во многу погледи. Градиме самодоверба, се бориме да го постигнеме најдоброто, да бидеме најдобри. Преку овие танци се запознаваат многу луѓе, има дружење и надвор од забавите и часовите. А, многупати се случило да се запознаат парови и да завршат заедно во брак.


Што би им препорачала на оние кои сакаат да започнат со танц, но сè уште се двоумат? Има ли старосна граница, квалификации, претходни искуства?
-Танцот е за сите! Нема старосна граница, ниту пак некое правило дека мора да имате претходно искуство. Потребна е само желба и малку храброст да го направите првиот чекор. На часовите има луѓе од сите возрасти, од апсолутни почетници до искусни танчари. Најважно е да уживате во процесот и да му дозволите на телото да ја почувствува музиката, да го следите ритамот, да се препуштите на страста. За другото, за усовршувањето на чекорите, тука сме ние, инструкторите.

Дали ги преферираш традиционалните или модерните варијанти на латинотанците?
– Многу сакам да танцувам традиционални и модерни танци, во тоа се имам пронајдено и сфатив дека тоа сум јас.
Традиционалните варијанти имаат посебна убавина, бидејќи ја носат автентичната култура и енергија на латино танците. Од друга страна, модерните верзии носат свежина и нова креативност. Најубаво е кога се прави баланс – да се почитува традицијата, но и да се внесат нови елементи за танцот да остане жив, онолку жив колку што се и јазикот и културата на живеење.

Што значи танцот за тебе на личен план? Дали некогаш ти помогнал да надминеш тежок период во животот?
– Танцот за мене е нешто волшебно, нешто што ме опушта и исполнува, исто така ме мотивира да учам нови работи, нови почетоци.
Танцот е повеќе од движење – тоа е мојот начин на изразување, мојот стил на живеење, а знае да биде и вистинска терапија. Танцот има неверојатна моќ да ја подигне енергијата и да внесе радост во секојдневието, позитивност во мислата, живост во ставот кон светот, разбистрување на умот со заземање на поширок поглед, танцот знае да ја разгори страста кон живеењето, воопшто. Од самиот живот да направи танц.
фото-приватна архива
Оние кои се уште не пробале да танцуваат, несомнено треба барем еднаш во животот да го искусат ова искуство – и сами ќе забележат што волшебно им се случува и како се се менува. Секој кој зачекорил во танцот ќе се согласи дека токму преку танцот стануваме посамоуверени, послободни и поотворени за нови искуства. Разбираме дека не треба да се плашиме од грешки, затоа што секој чекор, дури и погрешен, е дел од процесот на учење. Учиме како најбргу да станеме во животот тогаш кога ќе паднеме и што е најважно – да продолжиме да танцуваме!