Тамара Тодевска искрено за тешките години од детството – „Се плашев некој да не дознае, а најмногу ми недостасуваше татко ми“ (Видео)

Македонската пејачка Тамара Тодевска во новото издание на подкастот „Урок“ кај Сергеј Варошлија проговори отворено за едно од најболните поглавја од нејзиниот живот – разделбата на нејзините родители. Иако денес е една од најмоќните женски вокали на домашната сцена, Тамара призна дека ранливоста што ја носи во себе потекнува токму од тие детски години.
Тамара откри дека имала само осум-девет години кога родителите се разделиле – време кога, како што вели, за разводи речиси и да не се зборувало.
„Тоа беше табу тема. Се срамев да кажам, страв ми беше да не дознае некој. Не ми беше пријатно, како што не е за ниедно дете“, раскажува пејачката.

Иако немала сцени кои ги опишува како трауматични, најтешко ѝ паднал еден момент – што татко ѝ Велко повеќе не бил дома навечер.
„Најмногу ми недостасуваше што татко ми престана да спие со мене. Преку ден го гледав, беше професор на академијата и речиси растев таму, но дома ми недостасуваше како фигура“, искрено рече Тамара.

Тамара зборуваше и за големата разлика во години со сестра ѝ Тијана, која била 18-годишна кога таа се родила.
„Тијана прерано порасна. Од Центар на велосипед одела до Ѓорче по пелени и млеко. Ние денес тоа го земаме здраво за готово, а тогаш немаше на секој чекор. Детето пораснало за ден“, се потсети Тамара со благодарност.




