Тајзи со порака до македонските браќа и сестри – ова е циркус, ние не живееме, ние преживуваме (видео)

Македонскиот хип-хоп и урбан артист Тајзи ја претстави својата најнова песна „Циркус“, дело кое, како што вели самиот тој, носи силна и актуелна општествена порака. Песната, напишана пред четири години, конечно ја добива својата видео-формa, создадена со помош на вештачка интелигенција, со цел да се визуелизира „суровата реалност“ во која живееме.
-Циркус е саркастичен и глобален приказ на општеството и системот во кој живееме! Погледнете и слушнете ја оваа порака. Напишана е пред 4 години. Се потрудивме со помош на AI да направиме видео што ќе ја отслика суровата реалност. Сите ние ‘НАРОДОТ’ сме во истиот циркус 35 години па и многу повеќе. Нашиот народ видел и претрпел многу големи неправди низ историјата … Да живее Македонија!!! – порача Тајзи во своето обраќање.
Со „Циркус“, музичарот симболично затвора значаен период од својата кариера, кој опфаќа четири албуми создадени во изминатите 15 години. Циклусот започнува со „Балкан“, заеднички албум со Скипи објавен во 2010 година, продолжува со соло-изданието „Нешто Поинакво“ од 2014, а ги вклучува и албумите „Гласот на народот“ и „Сине“, составени од песни создадени во периодот од 2015 до 2025 година.
-Со оваа песна се завршува еден циклус на 4 мои албуми … Ви благодарам за сите овие 15 години браќа и сестри. Ве сакам од срце, напиша Тајзи, кој најави дека наскоро ќе сподели повеќе информации за идните проекти.
Песната „Циркус“ веќе предизвикува голем интерес кај публиката, а фановите ја поздравуваат искреноста и ангажираноста на артистот, кој и овојпат не се двоуми да проговори за чувствителни теми што го тангираат македонското општество.
Целата музичка креација во изведба на Тајзи може да ја проследите на линкот подолу.



