„Светот мој минус тебе во него она што ќе остане, малку е“ – Ана му испрати 27 балони на својот брат Спире, кој трагично го загуби животот во „Пулс“

Со солзи и љубов кон небото, Ана Стоименова, сестрата на Спире Стоименов кој трагично го загуби животот во пожарот во Кочани, испрати 27 балони во негова чест.
На денот кога требаше да го прослави својот 27-ти роденден, таа преку емотивна објава на Инстаграм му посвети зборови што допираат до секое срце.
-Среќен небесен роденден, брате. Оваа година можам да ти подарам само 27 балони, пишува Ана.
Пожарот што на 16 март ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани однесе 63 млади животи и остави зад себе семејства, пријатели и цела држава во длабока жалост. Секој од нив на свој начин се обидува да се избори со болката и да го сочува споменот на своите најмили.
Ана својот начин го пронајде во симболичен гест, 27 сини балони, пуштени кон небото за секоја година што Спире ја живееше, и еден за оној роденден што не го дочека. На видеото што го сподели, таа стои сама на зајдисонце и гледа како балоните се издигнуваат, како да ги носат сите неизречени зборови до него.
Во описот на видеото, Ана додаде уште една порака што ја потресе јавноста:
-Светот без тебе е помал. Свети денеска, како што светеше и овде. Твој ден е – роденден. Те сакам, бато, порача Ана.
Гестот на Ана е тивка порака до небото, дека љубовта не познава крај, дека ниту времето ниту растојанието не можат да ја избришат врската меѓу брат и сестра. Балоните се изгубија во височината, но не и во срцето кое секогаш ќе чука за него.
View this post on Instagram



