CelebrityИнтервјуКариера

„Сведоци сме дека жените полека ама сигурно ги губат и тешко стекнатите позиции за кои сме се бореле со децении наназад“ – бизнис приказни со Валентина Дисоска

Иако се поставуваат барања за позитивна дискриминација, поставување на жени на лидерски позиции заради покажување на добра пракса и слично, јас сметам дека ние сѐ уште го немаме развиено чувството за тоа што значи жена на лидерка позиција.

Advertisement

Валентина Дисоска е претприемач, сопственик и менаџер на сопствена компанија која работи во областа на консалтинг и развој на софтвер, мултимедија, маркетинг, онлајн продажба и пристап до финансии. Дисокса е претседател и основач на Здружението на бизнис жени од 2010 година, претседател и основач на Националната платформа за женско претприемништво и основач на Балканската коалиција на деловни жени.

Архитект по професија, дополнително едуцирана и сертифицирана за работа во многу други области, како што се развој на бизнис и стартапи, развој и оценување на организациски капацитет, развој на организација, учење и работа на младите, менторство, проектен менаџмент, корпоративен социјален менаџмент, зелена економија, маркетинг од идентитетот на брендот за влез на странски пазари и многу други теми кои се компатибилни и ја прават експерт во нејзината работа.

Advertisement
Сертифицирани од различни институции, како што се Европската фондација за обука, Меѓународната организација на трудот, Германската академија за зелен бизнис, УСАИД и многу други.

Дисоска е активна во општеството како борец за родова еднаквост, особено посветена на развојот на женското претприемништво.

фото-приватна архива

Прашање: Можете ли да ни кажете за Вашата професионална позадина пред да започнете сопствен бизнис? И како и дали тие искуства, гледано од денешна дистанца, придонесоа за Вашиот сегашен успех?

Навистина интересно прашање, прашање коешто во мене буди различни чувства, од една страна чувства дека ветрометината и различните искуства ме направиле поподготвена да влезам во претприемачките води, од друга стана, чувства кои велат дека и не морало баш сѐ така да биде како на ролер-костер, дека животот можел и малку посмирен да биде, со одредени насоки и со трасиран пат.

Но, не, во тоа време кога јас завршував со школување, инаку по професија сум дипломиран инженер архитект, немаше многу работни места кои беа привлечни за млади архитекти, полни со елан и љубов кон професијата, туку, за жал, можностите за работни позиции беа многу лимитирани.

Advertisement

Потребата, но и желбата, да искусам нови искуства ме водеше да влезам во дизајнерските води, работев во една реномирана маркетинг компанија каде што навистина собрав големо и прекрасно искуство, и тоа не само во делот дизајн, туку и во делот грижа за клиенти, соработка со клиенти, водење на брендови и сл.

Понатаму мојот пат ме водеше да работам како графички дизајнер во реномиран неделник кој обработуваше сериозни теми од политиката и економијата, па на проекти каде што работевме мултимедиални презентации, во фотографско студио, и на уште многу поситни и покрупни проекти, од каде што собрав искуство и знаење кои беа од големо значење за мене, за понатамошниот мој чекор кој водеше кон отварање на фирма и почнување со бизнис.

Тие искуства ми беа поткрепа и акумулирано знаење како треба да ја работам работата на која сум се насочила, да, беа од големо значење за мене, од запознавање на работа со клиенти до техничка подготовка на задачите.

Но, секако, во претприемачките води влегов неподготвена за тоа што значи водење на бизнис, не знаевме ни за фактура, ниту за уплатница, за данок и да не говориме… Сѐ тоа го учев попатно, преку работа и искусвено. И токму затоа секогаш велам дека требало да променам уште неколку работни места на различни позиции пред да влезам во претприемништво, бидејки искуството е најголемиот учител.

Прашање: Која е формулата или тајната за успешна жена бизнисмен?

Не можам да кажам дека има формула или тајна за да се стане успешна во бизнисот, успехот е она што се гледа на површината, знаете, како онаа големата санта мраз која се гледа на површината на водата, но таа санта мраз е неколкукратно поголема под површината на водата.

Токму тој дел под површината на водата е работата до успехот. Тука можеме да наброиме многу работи и активности, пожртвуваност и време посветено на работата, слободното време преминато во работно, викендите и одморите секогаш прекинати со работните задачи. Сето тоа е дел од тајната на успешните бизнис жени и бизнисмени.

Од друга страна пак, формирањето на кругот на познаници соработници, проширувањето на контактите преку различни форми на здружување и различни едукации се исто така тајната за успешен бизнис.

Јас верувам дека мојата работа со Здружението на бизнис жени исто така многу ми помогна да го развијам својот бизнис, да научам, да се доусовршам во одредени теми, но и да се пронајдам во една друга професија, за којашто не знаев дека сум способна и дека сакам да ја работа, а тоа е консултанството.

И да Ви одговорам накратко на прашањето, моето мислење е дека формулата секој сам треба да си ја пронајде, но притоа да не се штеди од предизвиците кои доаѓаат по патот.

фото-приватна архива

Прашање: На што моментно сте сконцентрирани, на какви проекти?

Работам на повеќе проекти кои се на различни теми, но кои подеднакво ме предизвикуваат и бараат од мене да се вложам цеосно во работата.

Со Здружението на бизнис жени работиме на проект којшто се нарекува „Пристојна работа за жените работнички“, тема којашто секој би рекол дека не е за работодавачите, туку дека е за синдикалните здружувања, но не, таа е тема што сите нас нѐ допира и доколку не овозможиме пристојна работа за сите, нема да можеме да опстоиме со бизнисите од една страна, а од друга страна пак, постојано ќе имаме кадар што не е задоволен, што значи мораме да работиме на оваа тема за да имаме победничка ситуација.

Исто така и финансирањето на бизнисите, особено на оние водени од жени е поле на коешто сега работам, како консултант, со конзорциум од Италија работиме на прокет финансиран од ЕБРД и се одвива на територија на Западен Балкан за подобрување на пристапот до финансии, зелената транзиција, како и дигитализација.

Работиме и на развој на едукациски материјали, едукација за зазеленување на бизнисите, дигитализацијата исто така е во фокус, значи севкупно покривање на новите потреби за јакнење на бизнисите и насочување кон новите светски трендови.

фото-приватна архива

Прашање: Каков совет би им дале на жените кои сакаат да станат претприемачи, а не знаат од каде да почнат?

Мојот совет би бил да почнат веднаш да собираат знаење, да почнат веднаш да се едуцираат на полето во кое сакаат да влезат да работат, да не влегуваат со непознаници за бизнисот, да бидат подготвени на она што ги очекува.

Претприемнишвото треба да се практикува, секако дека има нагорнини по кои тешко се качуваме, но и падови кои брзо се случуваат и се точки за преживување, но само со спроведување на идеите во пракса се станува претприемачка, за жал никој ништо не научил од туѓо искуство, мораме сами да го поминеме патот.

Прашање: Каков е односот кон жените лидери во Македонија? И што мислите, дали сме родово сензитивни?

Жени лидери во нашава држава, за жал, има многу малку, на која било позиција и во која било сфера на работа.

Сведоци сме дека жените полека ама сигурно ги губат и тешко стекнатите позиции за кои сме се бореле со децении наназад.

Иако се поставуваат барања за позитивна дискриминација, поставување на жени на лидерски позиции заради покажување на добра пракса и слично, јас сметам дека ние сѐ уште го немаме развиено чувството за тоа што значи жена на лидерка позиција.

Нам не ни требаат фигури на позиција кои не се сензитивни за нивната позиција, нам ни требаат високо свесни жени кои се едуцирани, подготвени, со поминат пат и искуство позади себе, со голем капацитет за водењето на лидерските позиции и тогаш ќе можеме да кажеме дека имаме жени на лидерски позиции.

Сѐ дури не се изгради капацитетот, не можеме да говориме за жени на лидерски позиции. Секако, не можам да кажам дека сите жени кои се на лидерски позиции не ја заслужуваат добиената позиција, но сакам да кажам дека доколку сакаме повеќе жени на лидерски позиции, треба истите и да ги подготвиме, да им дадеме можност, да им отвориме врата за понатамошен раст и развој на нивната кариера.

фото-приватна архива

Прашање: Кои се Вашите приоритети не само како жена бизнисменка туку и како жена која ги охрабрува и советува жените кои сакаат да започнат свој бизнис?

Воглавно неколку приоритети се менуваат во зависност од ситуацијата во која се наоѓам, секогаш како прв го ставам образованието и постојаното учење, постојано надоградување на знаењето и вештините е од клучно значење за мене. Подготовката е клучен момент за секој напредок.

Зголемувањето на самодовербата, со секоја нова ситуација како растеме со кариерата мораме да работиме и на јакнење на самодовербата, за да не се соочиме со „синдромот на измамник“, синдромот што не тера да се сомневаме во своите способности.

Балансот меѓу работата и приватниот живот, е нешто што сега повторно почнав да го ставам во рамнотежа. Околината, изградената мрежа на соработници и пријатели со кои можам да се советувам како за бизнис така и за приватни прашања.

Во суштина, станува збор за создавање на средина во која се чувствувам поддржано и овластено да ги остварам своите претприемачки соништа.

Прашање: Кои се најголемите предрасуди кои сте ги слушнале?

За жал, во нашата околина предрасудите ги среќаваме многу често, би рекла и пречесто. Полови предрасуди, како на пример, „жените се премногу емотивни за да бидат добри лидери“,„мажите се подобри во математика и наука“, „жените треба да се грижат за домот и семејството, а не за бизнис”, потоа расни предрасуди, етнички предрасуди, врз основа на возраст и уште цела листа на неосновани предрасуди со кои секојдневно се сретнуваме.

Но една предрасуда која сѐ почесто ја слушам е „жена на жена – хиена” за којашто сметам дека треба да работиме и целосно да ја искорениме, да направиме нова дефиниција во која ќе велиме „жена на жена е поткрепа“, сметам дека сам така ќе направиме голема промена во нашите животи,

фото-приватна архива

Прашање: И на крај, дали постои одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до Вашето срце?

Секое утро истреси ја прашината од битката во претходниот ден, стави ја насмевката како меч и тргни во нови походи!

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement
New Ad
Back to top button