Сузана Турунџиева огорчена – „Го користат името на Атиџе за да продаваат лажен мед!“

Познатата телевизиска водителка и писателка Сузана Турунџиева повторно реагира на социјалните мрежи, откако злоупотребата на името и ликот на нејзината блиска пријателка Атиџе Муратова, хероината од светски познатиот документарец „Медена земја“, не престанува и по повеќе од две години јавни апели.
„Апелирам до сите свесни и одговорни луѓе да пријават злоупотреба на името ‘Медена земја’, со користење на фотографии од Атиџе Муратова. Потсетувам дека Атиџе не го рекламира и не го продава нејзиниот мед преку други лица или фирми. Атиџе нема фирма! Медот на Атиџе е оној кој ќе го купите од нејзе лично!“, напиша Турунџиева, додавајќи дека е крајно време јавноста да направи јасна разлика помеѓу вистинскиот, автентичен мед на Атиџе и производите кои само се претставуваат како такви.
Advertisement
По успехот на документарецот „Медена земја“, кој во 2020 година беше номиниран за два Оскара, животот на Атиџе Муратова се промени преку ноќ. Нејзиниот мед, произведен во мали количини и со посветеност која ја инспирираше цела планета, стана вистинска реткост – ценет како злато и барана марка кај љубителите на природната храна. Токму поради тоа, во изминативе години сè почесто се појавуваат лажни огласи и производи што се претставуваат под името „Медена земја“, без никаква врска со Атиџе.
Турунџиева и Муратова се запознаа по премиерата на филмот и со текот на времето изградиле искрено пријателство. Сузана, која често објавува фотографии и спомени со Атиџе, редовно ја поддржува во јавноста и настојува да го заштити нејзиното име и углед.