„Опозиционерските“ и малкуте независни медиуми најпрво пишува дека студентите го изненадиле Центарот за комуникации на ДПМНЕ, дека прв пат се случило да нема контра протести, дека немало бележење со црвен фломастер на студентите од страна на владејачките партии (ова се случуваше првитe два-три дена по протестите!).
Дури подоцна, откако ова големо изненадување на студентите беше објавено во медиумите, од страна на владејачката Цептер гарнитура студентите учесници беа етикетирани како блиски до опозицијата и Сорос.
Сите пишуваат дека власта е изненадена од протестите, но јас мислам дека опозицијата е уште поизненадена. Зошто? Затоа што еден Студентски пленум може да собере толкав број на луѓе, а најголемата опозициска партија, па и целата коалиција, во моментов не можат да соберат ни третина од тоа.
Или пак можеби не сакаат?
Но, да го оставиме тоа настрана, за некоја друга пригода (ако преживееме, нели?) , а сега да се задржам на прашањето зошто ВМРО би сакале протести на студентите. Па, со една реченица – за предвремено да го предизвикаат насобраниот гнев и да го контролираат празнењето на колективниот набој против корупцијата, криминалот, сиромаштијата и другите горливи проблеми. Зарем мислите дека министерот за образование случајно згреши кога го прочита барањето да даде оставка кое го немаше никаде во барањата од студентите?
Фото: Pole People Skopje
Или едноставно се придржуваше до планот кој беше однапред смислен од страна на „вонземјаните “ кои управуваат со оваа Цептер коалиција и даден на претставниците на власта за да го спроведат. Тие можеби не ги организираа протестите директно, но доволно е тоа што дозволија тие да се организираат и што го дадоа почетниот импулс, во форма на законот за екстерното тестирање.
А зошто би им одговарало да се бунат студентите?
{youtube}P11uVKNRcNg{/youtube}
Да, екстерното тестирање, како што беше замислено во првата фаза, беше смислена провокација од страна на владејачката гарнитура, за да го предизвика незадоволството кај студентите, со кои подоцна ќе се испазари, и ќе излезе како отворена за преговори и добронамерна кон сите позитивни сугестии.
Значи тие сакаат да се два-три чекори пред студентите како што се секогаш шест пред опозицијата (освен ова последното дриблање на Заев во кое можеби повторно има масло од „вонземјаните“, и кое не мора да значи дека ќе заврши со шут во противничкиот гол).
Сепак, на крајот на краиштата, како што веќе реков на почетокот, голема е веројатноста премиерот да се покаже како човек кој преговара, кој е на страна на студентите и кој се грижи за нивните права, кој сака да го среди образованието, и со тоа повторно да поентира владејачката коалиција, оневозможувајќи премиерот да биде претставен како тиранин и деспот каков што сакаат да го направат некои медиуми.
Да, образованието треба да е темел на една секоја здрава нација, но зарем мислите дека некој тука сака ние да бидеме такви? (Еве едно разумно барање на студентите би било да се зголеми процентот од државниот буџет кој ќе оди за образование, ако треба нека биде и најголем во регионот…)
Ако навистина сте згрижени за себе и за вашата иднина, тогаш наместо да се борите против екстерното (или како и да го прекрстат ова тестирање), кое онака како што ви го подметнаа како мамка навистина беше лош предлог, за кој сепак треба да се преговара, борете се за вистинските права и слободи кои што ви се одземени. Еве ќе наведам уште неколку примери за што се треба да се борат нашите млади, па се надевам дека некој друг ќе ја продолжи листата…
Борете се за вашите мајки! Да, многу мајки ќе останат до крајот на животот без нивните деца, затоа што многумина ќе мораат да ја напуштат државата и да си ја бараат среќата во некоја друга земја, сакале или нејќеле.
Борете се за нив, бидејќи само на тој начин ќе се заштитите самите себеси, вашата иднина и вашите идни поколенија!
Борете се против бескрупулозната елита која без да и трепне око ви го одзема и правото да дишете чист воздух, борете се за достоен студентски живот, против преголемата администрација која ги троши вашите пари, поради одливот на мозоци и загубата на интелектуалниот капитал на секое ниво, борете се против македонскиот сон кој преку ноќ стана партиски сон во кој главни идоли се ликовите од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои потсетуваат на некој менаџерски тим на мултилевел корпорација како на пример „Цептер“, борете се против корупцијата која е насекаде присутна во нашата држава, против лажните пасоши, против партиските полтрони со црвени фломастери, против понижувањето, против стравот, против бесрамниците што се обидуваат да ви го загорчат животот!
Фото: Pole People Skopje
Борете се за нешто за кое што има смисла да се борите, нешто поврзано со вашата иднина, за заедничка иднина за сите што живеат под ова сонце, за сите граѓани на оваа преубава, но измачена земјичка, за вашата слобода…
Бунете се и нека ви стане тоа навика!
Што се однесува до владините мегафони и црвените фломастери кои сакаат да ве етикетираат како учесници во протести организирани од страна на опозицијата, тоа не треба воопшто да ве плаши, бидејќи сосема нелогично би било спротивното, односно за време на најголемите протести во државата опозицијата да седи со скрстени раце, иако и тоа не треба да не чуди!
И НЕ заборавајте дека овие протести се масло на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и тоа НЕ затоа што тие добро знаат дека големите риби ги јадат малите, а слабите им се плашат на силните, туку затоа што сакаат да ги надитрат храбрите и паметните бидејќи им е јасно дека тие го имаат конечниот збор.
{youtube}gsKiKVpt1-A{/youtube}
Па, не затоа што сте силни, туку затоа што сте паметни ве предизвикувам, преку Фејсбук, во коментар на вашиот ѕид (и со хаштаг #СтудентскиМарш, #СтудентскиПленум, #ПоздравПленумци), да го споделите овој текст и отворено да кажете зошто треба да се буниме и утре во 12 часот сите да излеземе и да му дадеме поддршка на студентскиот марш?
Робин Худ Џуниор
#НЕзаекестерно