Реклама
Култура[тор]

Сторија за славниот охридски градоначалник и народен пратеник во кралската Југославија

Реклама

Некогаш, во градот покрај Охридското езеро

Оваа сторија е дел од книгата „Сага за Охрид“ на Валентина Неловска (повеќе информации за оваа книга прочитајте тука), а ја објавуваме во предвечерието на новите општински избори како потсетник на едно друго време, кое е далеку зад нас, но и како потсетник дека убавите работи остануваат засекогаш во колективната меморија. 

Маркетинг

Ова е сторијата за Анастас Чорбев охридскиот народен пратеник во последниот парламентарен состав на кралска Југославија од Вардарска Бановина и  градоначалник со  широко срце, работливост, правичност и  комуникативност кој го претворил Охрид во град на  трендафилите. Анастас Чорбев го завршува својот живот во Охрид во 1983 година на 95 годишна возраст.

Кон крајот од 19 век, во  1888 година, во охридското  маало Геракомија, на свет доаѓа Анастас Чорбев  првата машка рожба на Јаким и Василикија. Брачниот пар Чорбеви  подоцна во 1902 година и 1912 ги  добиваат, синот Борис и ќерката Весела. На почетокот  од 20 век биле едно од побогатите градски, трговски семејства во Охрид. Таткото Јаким и синовите  Анастас и Борис имале магаза  или продавница во која охриѓани набавувале различни  штофови, а познатите охридски терзии од материјалите им шиеле облека. 

Маркетинг

Младото високо и убаво момче  Анастас Чорбев покрај тоа што бил вешт трговец со својата интелигенција подоцна  активно се вклучува и во политичкиот живот од 1920 до 1940 година. Покрај тоа што убаво изгледал  тој поседувал и одлични комуникациски способности. Анастас Чорбев станува одборник во општина Охрид, а и народен  пратеник  од Вардарска Бановина во последниот состав на Собранието на кралска  Југославија.  Од  охриѓани е избран за градоначалник во периодот од 1937 година, а на оваа функција бил сè до 1940  кога воената окупација на градот за време на Втората светска војна ја прекинува неговата  политичка кариера. 

За личноста на охридскиот  градоначалник Анастас Чорбев раскажува историчарот проф. д-р Павле Митрески. Професорот  лично го запознал поранешниот градоначалник на Охрид во  поодминати години. Го  опишува како хуман и духовит човек со маркантни црти, висок, повлечен.

-Беше крупен човек, а кога зборував со него зборував со висок интелектуалец. Бираше зборови, не лесно можеше да се извлече нешто од него. Го сакаше животот и беше многу работлив, и на постари години одеше на лозје, беше подвижен и не мируваше. Не одржуваше многу контакти со луѓето, се повлече, не знам зошто, можеби затоа што немаше деца и во  тие години беше потиштен, раскажува проф. д-р Митрески.

Професорот  Митрески  како директор на историскиот архив во Охрид се среќавал со познати личности и семејства од Охрид и охридско кои дале придонес за градот. Од нив прибирал значајни документи за охридскиот историски архив, а со таа цел била и средбата со Анастас Чорбев. 

-Наидов на сознание дека еден од најпознатите интелектуалци и вредни стопанственици во Охрид во предвоениот период бил Анастас Чорбев. Неговата куќа се наоѓаше во најдобриот дел од  Охрид, меѓу Летница и Центарот за култура, убава, репрезентативна куќа, ремек архитектонско дело. Во 1963 година тука без сместени околискиот комитет на Сојузот на комунистите и тогашниот Социјалистички сојуз, па синдикатот, а  најгоре во потпокривот живееше Анастас со неговата сопруга. Ме прими во  домот како вистински домаќин и случајно од разговорот подоцна обајцата дознавме дека мојот татко Љубе  бил негов пријател кој му помогнал за време на неговата кандидатура за градоначалник,  вели Митрески. Тоа придонесе Чорбев да се отвори кон мене и да дознаам многу повеќе работи од неговиот живо, продолжува професор Митрески во сеќавањата за Чорбев.  Во разговорот со визионерот Чорбев, проф. Митрески дознал за почетоците на неговиот општествено – политички живот уште од раната младост. Чорбев во периодот по Илинденското востание во 1908 година на своја 20 годишна возраст се приклучува на едно социјалистичко движење. „Меѓу останатото дознав дека во 1908 година членувал во социјалистичкото  движење „Сознание“ , формирано во Охрид, а делувало во Стар град и во  Кошишта. Неговиот политички ангажман бил во борба за автономна Македонија. При крајот на Турската Империја се создаваат разни движења за ослободување на Македонците по градовите  и селата, а тој активно се вклучува“,  потсетува  Митрески .   

Прогимназиското образование Чорбев го стекнува во егзархиско училиште  во Охрид, а продолжил да се школува во Софија.  Во политичкиот живот се вклучува меѓу двете светски војни. Од 1920 година до 1940 бил одборник во охридската општина, пратеник во Собранието во Белград и градоначалник на Охрид. Анастас Чорбев бил оженет за Љубица која потекнувала од видно охридско семејство.Таа била сестра на познатиот охридски судија Ставре Филипчев.

Охрид на почетокот од 20 век го започнува својот процут. Чорбев  со сиот свој капацитет и авторитет се залагал Охрид како град да добие современ, европски лик. Со својот политички ангажман и авторитет како народен пратеник во собранието во Белград се залага за што посилен економски развој на Охрид.

-Ми кажуваше дека по 1930 година економскиот живот во Охрид бил во пораст, раскажува професорот Митрески. Од 1935 до 1940 почнало да се гради нешто ново во Охрид.Тоа ново е пристаништето, централата во Рамне. За негово време се гради Грашница како туристички локалитет, хортикултурно се уредил градскиот  парк со цвеќе. Чорбев е првиот пропагатор за развој на туризмот во Охрид. Во 1937 формира туристичко друштво и раководи со него. Бара од граѓаните да ги уредуваат своите домови за пречек на туристите и има голем придонес во тој развој. После се зафатив со пишување за едно движење на  Белградскиот универзитет од каде  дознав  дека во 1937- 38 година македонските студенти  не само што се организирале во политичко комунистичко движење туку и за развој на туризмот, a целосна поддршка добиле токму од Чорбев. Иако знаел за политичката позадина за нивниот престој во Охрид тој молкум им  издејствувал кај надлежните во Владата и на Универзитетот да им дозволат на околу 180 студентите да летуваат во Охрид. Градончалникот се погрижил студентите да добијат простор во училиштето  „Св.Климент“ и со тоа се стекнал симпатии кај македонските студенти. Така стартуваат почетоците на туризмот во Охрид најпрво со организирано летување на младите. Претходно и средношколците предводени од  проф. Ѓорѓи Шоптрајанов, доаѓаат организирано на летување. Чорбев бил омилена личност и кај охриѓани секогаш подготвен да им помогне кога биле на печалба во Белград. Визионерството на Чорбев за развој на туризмот не застанало тука. Увидел дека на градот му е потребно и урбанистичко планирање. Со својот авторитет издејствувал  во Охрид да дојде  рускиот архитект Ѓорѓи Коваљевски, човекот кој го планирал Белград. Со помош на градоначалникот на Белград договараат Коваљевски да изготви урбанистички план за кој требало да издвојат 50.000 динари. Исто така, требало да му обезбедат 2 месечен престој во Охрид. Бидејќи немало доволно хотели, а и тие што биле,  чинеле многу, Чорбев на свој трошок го примил Коваљевски во својот дом. Тука архитектот со помош на охриѓанецот инженер Коста Хаџишче  го изготвил урбанистичкиот план на Охрид. Во 1937 година изготвил план за туристички развој на Охрид до 2000 година. Во планот се проектирани изградба на хотели кон западниот брег на езерото, а куќите да се градат кон Грашница, Тумбата, и кон Студенчишта. Овој план  предвидувал Охрид да се развива во мало монденско туристичко  место,  да нема повеќе  од 40.000 жители, а да прима околу 20.000 туристи. Во прво време така и се планирало и градело за  потоа да се напушти овој проект и да не се реализира.

Во 20-те години од 20 век  Чорбев   е иницијатор и за електрификацијата на Охрид. Во 1926 прво започнал да работи еден електромотор за еден млин и биле осветлени неколку градски улици. Германецот Рајнхард Релих со рускиот емигрант Владимир Белкин монтираат мал електромотор во Рамне. Потоа во 1937 започнала изградбата на електроцентралата во Рамне. Била пуштена во употреба во 1939. Се изградила од фондови на кралството, иако не така лесно се давале пари за развој на Јужна Бановина, раскажува проф.Митрески. Тој пренесува  една случка која открива колку градоначалникот Чорбев бил со широка душа преку гестот кој го направил кон неговиот татко кој му бил пријател. Чорбев на поканата од таткото на Митрески да присуствува на свадбата од најстариот син не можејќи лично да дојде на семејната прослава ја испратил да свири тајфата на Климе Садило. 

Анастас Чорбев предвоениот градоначалник на Охрид доживеал длабока старост и бил почитуван од своите сограѓани, раскажува Митрески:  -Никој не рече лош збор за него иако беше богат човек. Тоа богатство го стекнал чесно без да наштети некому, сите охриѓани имаа само убави зборови за неговата личност. Но, крајот на животот го помина повлечено и потиштено и не како што треба да умре еден виден човек, кажува професорот.

Ова е сторијата за Анастас Чорбев охридскиот народен пратеник во последниот парламентарен состав на кралска Југославија од Вардарска Бановина и  градоначалник со  широко срце, работливост, правичност и  комуникативност кој го претворил Охрид во град на  трендафилите. Анастас Чорбев го завршува својот живот во Охрид во 1983 година на 95 годишна возраст . 

Повеќе информации за книгата „Сага за Охрид“ прочитајте тука >>

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button