Стојан Рашков со изложба на фотографии на жени-лидери: 37 моќни жени застанаа пред неговиот објектив (фото)
Уметникот објаснува дека жената е совршенство, дека неговата баба била пилот и дека на претстојната изложба ќе покаже 37 фотографии што прават една голема слика, мозаик од жени-лидери.

Стојан Рашков ја најави неговата изложба на фотографии насловена ТАА. Првата изложба ќе биде на неговиот роденден, на 10 март во Виница, следниот ден изложбата ќе биде поставена во Кочани, на 12 март во Делчево, на 13 март во Берово, а ќе ја заврши со голема забава и изложба во Скопје на 17 март. Сите изложби ќе бидат од донаторски карактер.

Вашата изложба насловена „Таа“ содржи 37 фотографии на жени, симболично поврзани со вашата возраст. Што Ве инспирираше да ја создадете оваа серија?
– Инспирацијата ми дојде од архивата фотографии кои ја имам направено изминатите пет години, и внимателно одбрав 37 фотографии од жени кои ги симболизираат моите 37 години.
Во периодот зад мене, успеав пред мојот објектив да имам од бремени жени до баби и со нивните фотографии да оставам траен запис.
Како ги одбиравте моделите за фотографиите? Дали постои некоја заедничка приказна што ги поврзува овие жени?
– Моделите не сум ги одбирал, речиси сите фотографии се од настани кои веќе сум ги фотографирал и приказната на оваа изложба е дека сите 37 фотографии прават една голема слика, мозаик од жени-лидери, бидејќи во нашето општество жената е се уште инфериорна во однос на мажот и на неа се гледа како на домаќинка, а не како на совршенство.

Фотографијата има моќ да пренесе емоции и пораки без зборови. Што сакате да почувствуваат посетителите кога ќе ја погледнат Вашата изложба?
– Ќе има емоции со фотографиите бидете сигурни во тоа, бидејќи секоја фотографија има приказна зад себе и самите фотографии раскажуваат визуелно.

Дали оваа изложба на некој начин претставува и Ваше лично патување или рефлексија за жените во Вашиот живот?
– Да да. Во моето детство имав две баби кои влијаеја многу позитивно на моето детство.
Особено сакам да ја спомнам мојата баба од Кочани која беше пилот и кога ја раскажував како дете професијата на мојата баба сите ми се смееја бидејќи тоа е ,,машка’’ професија и се чудеа како може жена да биде пилот.
Што значи за вас уметноста на 37 години? Каде се гледате понатаму како фотограф?
– Јас сум роден уметник, мојата мајка беше наставничка по ликовно образование и уште како дете цртав многу. Со фотографија почнав да се занимавам во 2020 година и планирам да продолжам со тоа бидејќи секоја фотографија е визуелизација на соврешенството кое го фотографираш. А разговоротќе го завршам со цитат од Салвадор Дали – ,,продавањето без реклама е исто како и намигнување на девојка во темница. Ти знаеш што правиш, но никој друг не знае’’.



