ИнтервјуКариера
COVER STORY

Стереотипите се длабоко навлезени во нашето секојдневие, иако се залагаме за модерни сфаќања – интервју со Виолета Михајловска

Тоа што е потребно да се направи е да се промени ставот кон жените и наместо да се водиме од стереотипи, да ги анализираме нашите одлуки и перцепции од призма на професионалност. Овде најмногу мислам на учеството на жените во политиката и бизнисот бидејќи овие две сфери се клучни за креирање на општествените и менталните промени - вели во разговорот за гламур.мк Виолета Михајловска, м-р по родови студии.

Advertisement

Во услови кога прашањето за родова рамноправност сè уште е тема на дебата и борба на многу нивоа во општеството, локалните самоуправи играат клучна улога во имплементацијата на конкретни политики што можат вистински да го подобрат секојдневието на жените и мажите.

Општина Карпош се издвојува како позитивен пример со бројни иницијативи и проекти кои целат кон практична примена на концептот за еднакви можности. Разговараме со Виолета Михајловска, раководител на сектор за односи со јавност и координатор за еднакви можности, за тоа кои се најголемите предизвици во оваа област, какви се досегашните успеси на општината, и каква визија има за иднината кога станува збор за родовата рамноправност.

Advertisement
фото приватна архива

Кои се најчестите пречки за постигнување родова еднаквост во Македонија, и што сметате дека треба системски да се промени?

– Родова еднаквост како термин, според мене, е малку погрешен од причина што по род не може да бидеме еднакви туку рамноправни. Всушност, феминистичките движења од минатиот век беа во насока да постигнеме рамноправност и да имаме еднакви можности ние жените со мажите. Еднаквост во смисла на еднаков пристап кон образование, еднакви плати и можност за еднакво учество на жените во сите општествени сфери.

Системски гледано, кај нас не постојат законски пречки за еднакви можности, особено со донесувањето на Законот за еднакви можности на жените и мажите кој го стави прашањето за еднавоста во фокус на креирање политики и стратегии кои беа и се во таа насока. Еднаквоста всушност е повеќе работа на свест, однесување и делување. Она што е потребно да се направи е да се промени ставот кон жените и наместо да се водиме од стереотипи, да ги анализираме нашите одлуки и перцепции од призма на професионалност. Овде најмногу мислам на учеството на жените во политиката и бизнисот бидејќи овие две сфери се клучни за креирање на општествените и менталните промени.

Голем број жени се со висок степен на образование, многу добро ги менаџираат сите процеси во општеството, а кога на тоа ќе ја додадеме и вродената женска интуиција, организираност, емпатија… тогаш навистина можеме да зборуваме за жените како вистински избор за важни и одговорни општествени улоги.

Advertisement

Колку е застапена родовата перспектива во буџетските процеси и јавните политики на локалните самоуправи, и дали постои реална политичка волја тоа да се подобри?

– Сметам дека нашата држава, во голема мера, ги надмина или ги надрасна елементарните проблеми во рамките на работењето на локалните самоуправи. Оттука, политиките на локалните самоуправи особено во урбаните општини, своите проекти и своите буџети ги креираат на начин што се водат од потребите на целокупното население, а при тоа не предизвикуваат посебно дискриминирачки елементи во делувањето.

Секако, факт е дека државата со децении некако „потфрлува“ во некои сфери па имаме локални самоуправи кои се слаби во однос на здравстените потреби на жените, во однос на социјалните права, заштитата на жените од насилство или дискриминација. Но, локалните самоуправи и немаат таква моќ ниту ингеренции да носат крупни одлуки затоа што за тоа е потребна сериозна соработка и поддршка од централната власт. Меѓутоа, локалните самоуправи имаат силна можност да спроведуваат политики кои ќе бидат во насока на детектирање на проблемите со кое се соочуваат жените или мажите поединечно, можат да работат на зголемување на свеста за одредени родови прашања, а исто така и да помогнат и со финансии и со ресурси за полесно совладување на проблемите и разликите.

Во однос на политичката волја, сакам да верувам дека има волја кај политичарите, но потребно е некој и да го стави во фокус на интерес тоа прашање. Впрочем, видовме дека под притисок на јавноста, медиумите или засегнатите страни, многу прашања може да бидат одговорени.

Како граѓанските организации и локалните заедници можат поефективно да се вклучат во процесите на донесување одлуки поврзани со родовата еднаквост?

– Локалните самоуправи во своето работење секако дека ги вклучуваат граѓанските организации. Граѓанскиот сектор и невладините организации се донекаде и клучни за спроведување на проекти од која било област. Она што е потребно да се има во целиот тој процес на постигнување на еднаквите можности е најпрво правење на програмски активности од областа на еднаквите можности и обезбедување на финансиски средства за нивно реализирање, а од друга страна потребни се граѓански организиции кои што професионално ќе се вклучат во процесот на реализација на проектите според програмските активности.

фото приватна архива

Граѓанските организации всушност се на некој начин и соврешно адекватни за ова затоа што тие се специјализирани во одредени области и секоја од нив си има свое поле на работа, па оттука нивното ангажирање во реализација на плановите на локалната самоуправа многу лесно резултира со успех, ефикасност и ефективност. Посебно сакам да ја нагласам и потребата од континуитет и надградба на проектите кои имаат позитивен импакт кај граѓаните и се одразуваат позитивно на работењето на локалната самоуправа.

Каква е вашата визија за Карпош како родово еднаква општина во следните три години, и кои клучни чекори треба да се преземат за тоа да стане реалност?

– Во изминатите години Општина Карпош има реализирано голем број значајни проекти од областа на еднаквите можности меѓу жените и мажите. Програмата предвидува неколку приоритетни области за унапредување и промовирање на концептот за еднакви можности меѓу жените и мажите во локалната самоуправа (на пример, унапредување на здравјето на жените, превенција и советување за спречување на семејно насилство и помош на жртвите од семејно насилство, промоција и унапредување на еднаквоста и превенција од дискриминација, подигање на дигиталната способност кај лицата од третото доба, отворање на локална Канцеларија за родителство, фитнес за жени, формирање на Локален совет за женско претприемништво и слично).

За активностите од Програмата се предвидуваат средства во Буџетот на локалната самоуправа и сите програмски активности се реализираат во целост.

Општина Карпош е единствената општина во која се реализираат активности за унапредување на здравјето на жените, како што се бесплатните прегледи за ехо на дојка за девојки на возраст од 20 до 30 години. Исто така, се организираат бесплатни часови по фитнес и самоодбрана за жени, бесплатни часови за дигитална писменост кај повозрасните лица. Нашата општина е единствена локална самоуправа во која се формираше Локален совет за женско претприемништво и сме единствени со отворање на Канцеларијата за родителство.

Исто така поддржуваме и проекти кои се за помош на жртви од семејно и родово базирано насилство, како и проекти за подигање на свеста за одредени здравствени проблеми кај жените и кај мажите.

Голем дел од овие проекти имаат многу добар одѕив и позитивен резултат кај нашите жители и од таа причина наша цел е да продолжиме со нивното спроведување и во наредните неколку години со тоа што би сакале да ги прошириме и надоградиме согласно потребите кои се јавуваат за време на нивното имплеметирање.

Канцеларијата за родителство засега ја имаме само во едно училиште и истата ја користат родителите од цела општина, а нашата цел е да отвориме уште неколку канцеларии во другите основни училишта, па дури и во некоја градинка.

Во годините што следат би сакале и да ја прошириме возрасната рамка за бесплатните прегледи на ехо на дојка и да воведеме и други прегледи и за жени и за мажи.

фото приватна архива

Локалниот совет за женско претприемништво исто така треба да добие континуирана поддршка и истиот да ги вмрежи сите жени од бизнисот од нашата општина и со нив да соработува на повеќе начини.
Визијата всушност ја отсликува уверувањето дека она што го правиме во моментот е добро и се стремиме кон негов континуитет и развој.

Колку родовите стереотипи сè уште влијаат врз професионалното напредување на жените, особено во јавниот сектор, и како може тоа да се надмине преку локални политики и иницијативи?

– Стереотипите се длабоко навлезени во нашето секојдневие. Иако нели постојано се бориме против нив, се залагаме за модерни сфаќања, за посовремен начин на живеење, сепак жените сè уште се соочуват со одредени пречки кога станува збор за нивно професионално напредување.

Да бидеме реални, клучните позиции во јавниот сектор се под силно влијание на политичките партии, а во партиите искрено не гледам лидер кој што ги валоризира жените во таа мера за да ги смета за компетентни за важни и одлучувачки позиции. Секоја чест на исклучоците иако мислам дека тие ја имале среќата да се најдат на листа токму заради законската обрвска за еднакво учество на жените на партиските листи. И ете тоа ми пречи. Нели сме веќе еманципирани, спремни за Европа, имаме напредни размислувања, а жените на партиските листи ги ставаме само за да задоволиме законска обврска. Треба да сме на листи и на фукнции затоа што имаме високо образование, одговорен пристап кон работата и професионални квалитети. Ама да не губиме надеж дека за скоро време ќе се смени и оваа пракса.

Локалните политики може да влијаат на надминување на стереотипите, но промената е можна кога политиките и практиките ќе ги слушнат сите и кога кај сите, мажи и жени, ќе се запали алармот дека е време за професионализам кој не подразбира пол, туку компетенција.

Постои и уште една важна алка во професионалното напредување на жените, а тоа е приватниот живот односно домашните обврски. Доколку политиките се во насока на обезбедување на доволно сервиси за грижа за децата, старите лица и домаќинството, тогаш ќе биде полесно за жените да се посветат на својата кариера и напредок.

Но, да не ги заборавиме и жените кои не се пронаоѓаат во јавната сфера туку се чувствуваат покорисни или поисполнети доколку се посветат на децата, домот, на земјоделството, занаетчиството или кој било друг бизнис. Државата и локалните самоуправи треба да обезбедат услови за да може и овие жени да може да оставруваат здравствени, пензиски и сите други услови според типот на избор на работата.

Во време кога насилството врз жени е сè почеста тема во јавноста, какви превентивни активности сметате дека се најефикасни, особено во соработка со образовните институции и медиумите?

– Насилството над жените и родово базираното насилство, за жал, е во раст последниве неколку години. Но, дали е во раст поради зголемениот број на случаи или, пак, поради бројот на пријавени случаи? Да веруваме дека е поради зголемениот број на пријавени случаи што укажува на фактот дека долгогодишните кампањи за подигнување на свеста за семејното насилство како и законските измени ги охрабрија жртвите да побараат помош.

фото приватна архива

Од аспект на локална самоуправа, ингеренциите и можностите за суштински активности се ограничени. Ние соработуваме со граѓанските организации кои работат од оваа област, даваме финансиска поддршка за нивни проекти, за одржување на шелтер-центри, како и проекти за психо-социјална помош на жртвите од семејно насилство.

Општините може да поддржуваат проекти и кампањи за препознавање и спречување на семејното насилство, но централната власт е таа која што може да помогне во изнаоѓање на трајни решенија не само за жртвите туку и за сторителите на насилство. Факт е дека ни недостасуваат шелтер-центри кои ќе згрижуваат на подолг период но, мора да се обезбеди и друга помош за жртвите во смисла на здравствена, економска, станбена, образовна итн.

Искрено не би сакала да се фокусираме на превенција од семејно насилство затоа што тоа е многу тешко да се превенира, но може да работиме на поддршка и помош во моментот кога настанува насилството и системски да го решаваме проблемот и на жртвата и на сторителот. Превенцијата би ја фокусирала на личниот развој на секоја поединец што подразбира инвестирање во добро образование, сигурно вработување, работење на личната среќа и задоволство.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Advertisement

Поврзано

New Ad
Back to top button