Како започна со изработка на сирови торти? Што те инспирираше да се насочиш кон овој тип на десерти?
– Започнав од ќеф и вишок на слободно време. Вегетаријанка сум 40 години, а од пред два-тринаест години го открив и сировиот начин на исхрана. Тоа е храна што е термички необработена.
Како љубител на благо, а вечно на диета, сировите торти беа спас за мојата стрвност. За време на пандемијата испробував разни рецепти, а во април 2022 година на Фејсбук, на шега, напишав дека барам простор за продавање колачи и супи. Неверојатно беше колку луѓе ми пишаа и ме поддржаа.
Купив кутии за пакување торти и бев спремна за нарачки (се смее, н.з). Сѐ беше спонтано и на Фејсбук. Првата нарачка беше од пријателка, објавив фотографија од тортата и тргна. Сѐ уште пријателите мислат дека се зафркавам, не ме сфаќаат сериозно, но, еве, веќе две години имам редовни љубители на моите торти.
Кои се главните состојки што ги користиш за изработка на сирови торти?
– За изработка на овие торти се користат јаткасти плодови: бадеми, ореви, лешник, индиски ореви, овошје, кокосово масло, а како засладувачи користам урми и агаве.
Како се разликува изработката на сирови торти од традиционалните десерти?
– Разликата е во тоа што овие торти не се печат, не содржат јајца, брашно, млеко, шеќер. Се подготвуваат релативно брзо, но потребни се 6-7 часа за да се стегнат кремовите. Ви треба само добар блендер и креативност.
Кои се најпопуларните вкусови на сировите торти што ги нудиш?
– Сѐ уште на луѓето не им е јасно какви се овие торти, каков е вкусот и затоа ги нудам како овошни и чоколадни (со какао) или комбинација. Можни се секакви варијанти, со разни овошја, со путери од кикирики, лешник, ф’стак. Многу популарните традиционално подготвени торти, како Васина, Шварцвалд, Тирамису, имаат сирова варијанта, така што сѐ е можно.
Како гледаш на развојот на интересот за сирови производи во иднина кај нас?
– Интересот расте секојдневно. Во овие торти се користат шеќери со низок гликемиски индекс, така што можат да ги јадат и дијабетичари. Немаат глутен и лактоза. Ова се здрави торти, на шала знам да кажам дека се јадат без грижа на совест (се смее, н.з).
Има ли простор за нови иновации и раст?
– Секако дека има. Новитет се бомбиците со читири видови вкус кои се хит како новогодишни подароци. Можна е соработка за продажба во некои локали, а во блиска иднина не е исклучено и сопствена продавница.