Старински рецепт за сос за шпагети од Зорка: Сочен, миризлив, прсти да си излижеш
Зорка Јанчева од Тиквешијата овојпат ни носи рецепт за совршен сос за шпагети. Секако, сосот може да се употреби и со различни други тестенини.

Домашен рецепт за шпагети со мелено месо, каков што правеле нашите мајки, е тоа е вистински ручек за целото семејство!

Од срцето на Тиквешијата, каде што мирисаат доматите на сонце, а секој ручек е чин на љубов, Зорка Јанчева денес ни открива сочен и старински рецепт за шпагети со сос од мелено месо.
Овој оброк не бара скапи состојки, туку само добра волја, малку време и љубов кон домашното готвење.
„Драги мои,“ започнува Зорка, „денес може и ова да се руча – шпагети со сос со мелено месо. Едноставно, брзо, а прсти да си излижеш.“

За подготовка на овој вкусен сос ќе ви требаат:
500 грама мелено месо ( може мешано или по ваш избор)
1 главица кромид
2 чешниња лук
1 поголем сочен домат
половина лажица брашно
една лажичка црвен пипер
свежо дробен магдонос
зачин по вкус (бибер, оригано,сол)

Кромидот се сечка и се пржи во тава заедно со доматот. Откако ќе омекнат, се додава меленото месо и сè заедно се пропржува убаво.
Потоа се додава половина лажица брашно и една лажичка црвен пипер, за да му даде густина и боја. Се дополнува со малку вода, колку да покрие и да добие форма на сос. Се зачинува по вкус со мешан зачин, бибер, оригано и сол.
Сосот се остава да крчка на тивко околу 10 минути, а пред крај се додава свежо дробен магдонос. Во меѓувреме, се варат шпагетите според упатството на пакувањето, и кога сè е готово, се сервираат шпагетите и врз нив сосот. И ручекот е на маса!

Овој традиционален македонски сос не е само оброк, тој е потсетник на домашната трпеза, на деновите кога целото семејство е собрано околу маса.
„Ви посакувам убав ден, пријатен ручек и бидете ми сите во добро здравје, мили мои,“ порачува Зорка.