Старински рецепт за крап со зеленчук од рерна – празничен рецепт за Цветници за изобилство и мир во домот
Ако сакате да подготвите нешто што носи вкус на празнична благодат, обидете се со овој старински рецепт за крап – риба која симболизира изобилство и мир во домот.

Во православната традиција, Цветници се празнуваат со радост и со светлина. Иако постот сè уште трае, денешниот ден е еден од ретките кога е дозволено да се јаде риба – симбол на Христос, на надежта и на чистотата.
Во македонската духовна и гастрономска традиција, особено се почитуваат јадењата од риба, кои се подготвуваат со внимание и со љубов. Ако сакате да подготвите нешто што носи вкус на празнична благодат, обидете се со овој старински рецепт за крап – риба која симболизира изобилство и мир во домот.

Печен крап со зеленчук во рерна – празничен рецепт за Цветници
Состојки:
1 цел крап (1–1,5 кг), исчистен
1 лимон
2 главици кромид
2 моркова
1 пиперка
неколку гранчиња свеж магдонос
сол, бибер, ловоров лист
маслиново масло
2 чешниња лук
1 чаша бело вино (по избор)

Подготовка:
Крапот добро измијте го, посолете и побиберете однатре и однадвор. Внатрешноста наполнете ја со парчиња лимон, сечкан лук и магдонос.
На страна, исечкајте го кромидот, морковот и пиперката. Пропржете ги кратко на малку масло, само да омекнат.

Во огноотпорен сад ставете половина од зеленчукот, врз него положете ја рибата, па покријте ја со остатокот од зеленчукот.
По желба, прелијте со малку бело вино и неколку лажици вода. Додадете ловоров лист.
Покријте со фолија и печете на 180°C околу 40 минути. Последните 10 минути отстранете ја фолијата за рибата да добие златна кора.

Среќен празник!