Создади нешто автентично, што има влијание и трајност – бизнис приказни со Јехона Бела за патот до глобален успех од Македонија
Јехона Бела открива како научниот пристап и упорноста го водат брендот Institute Lab кон глобален успех, надминувајќи предизвици и кршејќи бариери во индустријата.

Кога започнавме со нашите „Бизнис приказни“, идејата беше да создадеме простор каде што пред сè ќе им дадеме глас и видливост на успешните жени од Македонија – оние што се на лидерски позиции или изградиле сопствен бизнис, за да можат да го споделат со нашите читатели своето искуство, визија и предизвици. Со нив разговараме за тоа како ја започнале својата професионална патека, кои биле клучните моменти на нивниот успех, како се справуваат со пречките, но и каков баланс постигнуваат помеѓу кариерата и секојдневието.
Овој пат имавме чест да разговараме со Јехона Бела, управителка на компанијата Institute Lab – специјализиран бренд кој гради мост меѓу медицината и козметиката, со фокус на научно заснована нега на кожа. Нејзината професионална приказна е инспиративен пример за тоа како страста кон науката и визионерскиот пристап можат да создадат вредност, не само на локално, туку и на интернационално ниво.
Јехона зборува отворено за своите почетоци, предизвиците со кои се соочува како жена-менаџер, визијата што стои зад Institute Lab, но и за вредностите што сака да ги пренесе на идните генерации жени-претприемачки. Таа верува дека успехот не се мери само во резултати, туку во автентичноста на она што го создаваш. Во продолжение, прочитајте го целото интервју со оваа храбра, посветена и инспиративна жена која докажува дека и од Македонија може да се гради бренд со глобален потенцијал.

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за вашата професионална позадина пред да започневте со Institutе Lab? И како тие искуства придонесоа за вашиот сегашен успех?
Мојата професионална приказна започна со длабок интерес за науката, козметиката и човечкото здравје. Во текот на кариерата стекнав искуства во повеќе сектори – од менаџмент и маркетинг, до работа со медицински професионалци. Сето тоа ми помогна да го разберам балансот меѓу научната валидност и потребите на крајниот корисник.
Работата на развој на наш сопствен производ во Македонија беше едно од најзначајните и најпредизвикувачки искуства во мојата кариера – процес што бараше голема посветеност, упорност и тимска поддршка. Тоа ме формираше не само како професионалец, туку и како личност.
Advertisement
Која е формулата или тајната за успешна жена бизнисмен?
Нема универзална формула, но верувам дека комбинацијата на јасна визија, дисциплина, емпатија и способност да носиш тешки одлуки е клучна. Жените имаат природна сила да гледаат на работите холистички – што е предност во секоја индустрија. Успехот доаѓа кога ќе се научиме да веруваме во сопствениот глас, да си дадеме дозвола да сонуваме големо и да не се извинуваме за тоа.

Какви предизвици се соочивте како жена менаџер во развојот на еден специјализиран медицинско-козметички бренд во Македонија, и како ги надминавте?
Да се биде жена менаџер во Македонија е предизвик сам по себе, но да се создаде одржлив, медицинско-козметички бренд е уште поголем предизвик.
Создадовме производ „од нула“, во земја каде вакви иницијативи ретко добиваат поддршка. Преку посветен тим, јасни стандарди и конзистентна визија, не само што ги надминавме тие бариери – туку денес сме подготвени да го пренесеме брендот надвор од границите.
Institute Lab става акцент на здрава кожа преку научен пристап – како успевате да балансирате меѓу научната експертиза и пазарната конкурентност, особено како жена во оваа индустрија?
Тоа е постојан баланс меѓу етичко и ефективно. Нашиот фокус отсекогаш бил на безбедност, докажани активни состојки и едукација на клиентот. Во индустрија каде често доминираат маркетинг-празнини, нашиот научен пристап е токму она што не издвојува. Како жена во оваа област, гледам на брендот како на жива платформа за доверба – не само во производите, туку и во вредностите што ги застапуваме.

Како менаџерка и лидерка, каква визија имате за иднината на жените во бизнисот со медицинска козметика и кои вредности сакате да ги пренесете на идните генерации жени-претприемачки?
Верувам дека иднината на жените во бизнисот, особено во медицинската козметика, треба да биде храбра и амбициозна. Сакам мојата приказна да покаже дека, и покрај тоа што е исклучително тешко да се создаде нешто во Македонија, не е невозможно. Нашиот нов бренд концепт, со кој целиме кон интернационален раст, е доказ дека упорноста и вербата во идејата носат резултати.
Дали според Вашите согледувања и искуства материјалното го води светот?
Живееме во време каде материјалното е многу видливо и често добива претерана тежина. Но вистинската вредност, според мене, лежи во нешто подлабоко – да создадеш нешто автентично, што има влијание и трајност. Материјалниот успех може да биде резултат, но не и мотивација. За мене, квалитетот што го создаваме, довербата што ја градиме и ефектот што го имаме – тоа се вистинските „валути“ на успехот.

Каков е односот кон жените лидери во Македонија? Дали сме родово сензитивни?
Иако има напредок, родовата сензитивност сè уште не е вградена како културна норма. Жените лидери често мора да докажуваат двојно повеќе за да бидат земени сериозно. Но, тоа полека се менува – особено кога жените се појавуваат со резултати, визија и став. Верувам дека нашето општество има капацитет за зрелост – само ни треба повеќе поддршка, повеќе примери и отворена дебата.
Кои се Вашите приоритети како жена бизнисмен?
Мој приоритет е да создадам долгорочен, одржлив бренд со реална вредност – и за кожата, и за пазарот. Но исто така, мој личен приоритет е да покажам дека и во Македонија може да се создаде производ со глобален потенцијал. Токму во овој момент сме и во процес на спроведување на една од најголемите стратешки иницијативи во компанијата,насочени кон долгорочен раст, иновации и зајакнување на нашата пазарна позиција. Овие промени се вистински пример за тоа што ме мотивира и прави горда.
Како се релаксирате и каде ја црпите енергијата за секојдневието?
Релаксацијата за мене значи исклучување од бучавата и поврзување со тишината – понекогаш преку природа, понекогаш преку книги, или едноставно квалитетно време со семејството. Енергијата ја црпам од луѓето што веруваат во мене, од тимот што стои зад секоја мала победа, и од чувството дека правам нешто што има смисла.

И на крај, постои ли одредена мантра, цитат или потврда што ја држите блиску до вашето срце?
Да – постојано се навраќам на една мисла:
„Создади го она што ти недостасува – и не чекај да биде совршено време.“
Таа мантра ме потсетува дека секоја иницијатива, колку и да изгледа мала или тешка, може да прерасне во нешто големо ако се гради со страст, истрајност и вистински вредности.