Македонскиот дизајнер Бобан Илиевски (Chic Undercowear) советува да останете верни на својот стил и храбро да експериментирате со деталите.
Вашата колекција есен-зима ја маѓепса публиката на Модниот викенд и Ви ја донесе наградата Најдобар млад надежен дизајнер. Очигледно знаете што сака современата жена.
Што би им препорачале на девојките и жените да облечат оваа новогодишна вечер за да изгледаат свечено, а сепак во склад со годините?
Изненадете со впечатлив детал …
Најпрво ти благодарам на забелешката за колекцијата , навистина се надевам дека ќе го задоволам тој некој стандард на убаво, практично, поразлично од толпата и индивидуално облекување на вистинските индивидуалистки кај нас, барем што се однесува до облекувањето. Искрено никогаш не сум ги сакал овие сувопарни предлози за разно разни датуми на масовно славење за кое по обичај дизајнерите велат да не се претерува, ниту пак да се губи своето јас во поглед на стилот на облекување само за една вечер.
Кодекси на облекување постоеле и треба да постојат, меѓутоа кај нас тоа многу ретко се почитува, а ниту пак владее некоја елементарна култура на облекување , па сметам дека поривот да се совпаднеш со сите за тој конкретен ден или вечер ми е малку дегутантен. Особено ако цела година патика била кулминација на твојот дрес код, направи си себеси услуга и не облекувај високи потпетици само затоа што општествената норма така налага. Одсекогаш се восхитувам на луѓето кои знаат фантастично да сублимираат неколку стила во еден аутфит, па така би ве охрабрил да експериментирате со делови од гардероба или моден додаток за кои до сега не сте се осмелиле, а сепак да се чувствувате најубаво во своја кожа.Тој резултат на самозадоволство ќе се препознае од средината, што е реално важно колку и да се залажуваме дека не ни е гајле. Доколку ви претставува задоволство да облечете вечерна тоалета, слободно направете го тоа, но затоа што вие тоа го сакате, и таа вечер кје бидете Бјанка Џегер во Студио54!
Веднаш потоа следи низа празници и домашни забави за кои исто така треба да бидеме празнично дотерани. Што препорачувате да се облече на домашна семејна прослава?
Изберете впечатлив ѓердан …
Искрено тие прослави како стареам ми се дури и посимпатични (се смее) Повторно ќе кажам што и да се одлучите да носите направете го за себе. Елегантноста, што е всушност и главната цел, може да се постигне на многу начини: малку поинаков или повпечатлив моден додаток или пак само шарм и позитивна енергија спакувана во тул и блузон од дечкото.
Кое парче би го издвоиле што задолжително ќе го носите или би сакале да го носите на новогодишната прослава?
Класика и орент …
Како човек кој апсолутно се труди да отскокнува од општествените норми и трендови што е многу нормално за една уметничка душа (читај: ЕГОТРИП, сакале ние да признаеме или не), веројатно ќе оставам до последен момент да видам како ќе ми налага расположението. Може да се случи и да искомбинирам фантастично скроен машки смокинг со харем тренерка, како една моја своевидна симбиоза на оригинално, досетливо и својствено.
Chic Undercowear f/w 2013/14 » |
Автор: Александра Спасеска