Сопственичка е на 15 кучиња и мачки, но накитот и сетовите на Александра од Куманово се посебна приказна за боите и радоста
Кумановката Александра Марковиќ создава накит што носи приказна и сетови за деца што го претвораат секој оброк во игра. Креативноста ѝ е исто толку голема колку и љубовта кон животните и природата.

Александра Марковиќ (36) од Куманово е самоука дизајнерка и занаетчика која со своите раце создава свет исполнет со боја, фантазија и емоција. Таа изработува уникатен накит за девојки и жени, и персонализирани сетови за јадење за деца кои го претвораат секој оброк во игра и уживање.

Освен креативната страна, Александра е и голема љубителка на животни, се грижи за 15 кучиња и мачки, а во својот дом има и колекција од над 500 сукуленти.
Во разговорот за гламур.мк, Александра открива зошто верува дека дизајнот на весели сетови за јадење може да го поттикне апетитот кај најмалите, како секое парче накит носи дел од нејзината душа и зошто рачната изработка е нешто што никогаш не може да се замени со масовно производство.

Вашите сетови за јадење за деца се вистинска игра на бои и форми, празник за очите и за душата. Дали верувате дека преку дизајнот може да се поттикне апетитот и фантазијата кај најмалите и со каква идеја создавате?
– Да, верувам дека дизајнот има големо влијание! Веселите бои, интересните форми и познатите ликови го прават оброкот повозбудлив и попривлечен за децата. Кога чинијата изгледа како нешто од нивниот омилен цртан, тие се повеќе мотивирани да јадат, дури и храна што инаку ја одбиваат.
Најчесто родителите, бабите, тетките, нарачуваат сет со омилен лик на детето, обично по некој омилен цртан на детето или лик кој е популарен во моментов. Како, на пример, сега Стич. Дополнително секој сет е персонализиран со името на детето, што го прави уште повпечатлив и посебен.
Целта ми е преку креативен дизајн да внесам игра, фантазија и подобар апетит во секој детски оброк.

Кога работите на накит со инспирација од легендарни жени како Фрида Кало, што најмногу сакате да пренесете – боите, енергијата или приказната што тие ја носат?
– Искрено, кога креирам ваков накит, најмногу сакам да пренесам чувство, нешто што ќе допре до срцето на нарачателот. На пример, Фрида ме инспирира со својата храброст и боемска душа, Мерилин Монро со својата женственост и со гламурот, а Одри Хепберн со нежната елеганција што никогаш не излегува од мода.

Но, инспирацијата не ми доаѓа само од славните имиња. Секоја жена е посебна и единствена на свој начин, жени кои не се на насловни страници, ама носат вистинска сила во себе.
Секое парче накит го правам така што жената што ќе го носи сакам да се почувствува убаво и гордо, но пред се своja. Да си каже: „Ова сум јас.“ Тоа е мојата цел – не само да изгледа убаво, туку да носи приказна, енергија и топлина.
Кое е најнеочекуваното барање што сте го добиле од клиент, било за сет за јадење, или за накит?
– За целото мое постоење во овие ракотворски води, поточно од октомври 2011, сум добивала многу разноразни нарачки кои реално не е возможно да се изработат како, на пример, трансформерси и секогаш се чудев и ќе се чудам зошто при толку убави детски ликови и цртани, луѓето сакаат да нарачуваат сет за јадење со лик на свое дете.
Од накит речиси и нема невозможни работи за изработка ако се во домен на она што јас го работам, поточно со полимерна глина, но секогаш одбивам или не прифаќам нарачки доколку сликите што ми ги праќаат за идеја се од ракотворци во Македонија.

Кој дизајн повеќе го открива вашето „внатрешно дете“ – сетовите за јадење со весели мотиви или накитот со силни бои?
– Верувам дека во двата дизајна живее моето внатрешно дете, само на различен начин.
Сетовите за јадење ми ја враќаат онаа чиста детска радост која секогаш ме враќа назад во детството на свет исполнет со бои, форми и топлина, кога едноставно се смееш и уживаш без грижи. Кога ги креирам, се чувствувам како да си играм и повторно го гледам светот со детски очи, полни со љубопитство, смеа и радост.


Од друга страна, накитот со силни бои ми ја дава слободата да ја изразам својата страст и длабочина, тука има малку повеќе зрелост и љубопитност што ме тера да експериментирам и да создадам нешто што зборува.
Секоја боја и форма носи дел од мојата приказна, од моите соништа и желби, па кога некој го носи тој накит, сакам да почувствува дел од таа искреност и сила. Затоа, верувам дека и двата дела се дел од мене и го покажуваат моето внатрешно дете, едниот низ игра и ведрина, другото пак, е длабочина и самосвест. И тоа ме прави цела.

Дали е тешко денес рачно изработените работи да се препознаат, да се ценат, да се платат, наспроти масовната продукција?
– Искрено, не е лесно, но кога нештото се работи со љубов ништо не е тешко за креаторот. За нас не постои време. Точно е дека денес сè е толку брзо и лесно достапно, но многумина забораваат дека работата што е направена со раце, носи душа и срце. Носи дел од себе и секое парче е посебна и единствена приказна која никогаш неможе да се повтори. Не е исто нешто што е направено со љубов, внимание и време, со нешто што само е ставено на полицата во продавница.
Кога создаваш нешто рачно, вложуваш дел од себе – својата енергија, својата приказна и посветеност. Тоа не е само производ, тоа е живо и уникатно парче што зборува на посебен начин.

Знам дека треба време луѓето да сфатат дека вредноста не е само во цената, туку во она што стои зад секој детаљ. Но, се повеќе луѓе ја сфаќаат вредноста на рачната изработка која се гледа и се чувствува од срце.
И многу ми е драго поради тоа.

