Сопругата на Филип со трогателни зборови – „твојата насмевка Лоричка ја носи, во неа ќе те гледам тебе мил мој“
„Вечно ќе те паметиме по твојата голема душа, твојата насмевка што Лоричка ја носи, а јас во таа насмевка ќе те гледам тебе, мил мој“.

Директорот на Центарот за култура Штип, Филип Стевановски, кој смртно настрада во пожарот во кочанската дискотека ќе биде погребан денес во Штип.
Посмртните останки се изложени од 9 до 11часот во црквата „Света Богородица“ во Ново Село, а погребот ќе се изврши во 11.30 часот на градските гробишта во Штип.

– Нашиот еден и единствен, нашата инспирациија, љубов и непроценливо богатство, однесе со себе и дел од нас. Вечна љубов до тебе Филе. Ни остави длабока празнина во нашите срца и души, голема болка што те загубивме, неизмерна тага и непребол. Но таму каде што замина во небесното царство: организирај, свири, компонирај, смеј се на ангелите… Душа наша, љубов единствена, прерано не напушти.
Секогаш носеше позитивна енергија, имаше надареност и талент со кој работеше и твореше, имаше огромна енергија, знаење и љубов кон онаа што го создаваше, секогаш помагаше на секој човек дури и тие што не ги познаваше, секогаш беше насмеан, харизматичен и расположен за музика, дружење, настапи, организации и се онаа што те исполнуваше.
Остави многу дела позади себе а можеше да оставиш уште многу. Секогаш ќе бидеш инспирација за нас и за сите оние кои го следат твоето дело. Господи прими го чедото Филип во Твоето царство небесно, прими го нашиот Филе, стои во објавата на семејството на Стевановски.

Вчера, на социјалната мрежа Фејсбук од Филип се прости и неговата сопруга Ирена, со трогателни зборови.
-Среќо моја, Филип мој! Њоњче мое, ме остави со најголема празнина која не се опишува. Ми остави најголем спомен кој ќе го чувам и ќе се борам како најголема лавица.
Знам дека ќе не чуваш и ќе ни дадеш сила да продолжиме по овој пат кој ќе биде претежок за нас. Твојата светлина беше преголема за овој тажен свет.
Свети и сега како најсилна ѕвезда која ќе ја гледаме секогаш и ќе знаеме дека не’ чуваш од небото! Лора беше твоето се’ , музиката твојот живот, а јас твоето њоњче и ветерот во грб за да достигнеш се’ што имаше замислено. Последниот наш настап беше толку радосен и толку многу се смеевме, правеше се’ за да сите бидеме среќни и насмеани.
Вечно ќе те паметиме по твојата голема душа, твојата насмевка што Лоричка ја носи, а јас во таа насмевка ќе те гледам тебе, мил мој. Мојот живот без тебе веќе е тажен, претажен, но се’ што сме сакале Лора да успее ветувам дека ќе го направам, а знам дека ти ќе ми помогнеш од зад облаците!
Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно како што ти знаеше да прегрнеш, напиша неговата сопруга Ирена.