Сопругата на Андреј од ДНК со брутална порака од денешниот протест – не сакаме да живееме со сомнеж дека можело некој да биде спасен

На денешниот протестен марш во Скопје, Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на трагично загинатиот пејач Андреј Ѓорѓиески од групата ДНК, побара од пратениците во Собранието да обезбедат целосно и независно расветлување на пожарот во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“.
Пред Собранието, таа повика да се иницира надзорна расправа и да се формира анкетна комисија која ќе ги испита сите детали од трагедијата, почнувајќи од моментот кога избил пожарот, па сè до реакциите и евентуалните пропусти на надлежните институции.
-Потребно е да се утврди зошто институциите задоцнија. Не сакаме да живееме со сомнеж дека можело некој да биде спасен, изјави Ѓорѓиеска.
Таа нагласи дека досегашното истражување е непотполно и дека постојат бројни неразјаснети прашања, што, според неа, создава чувство дека одредени информации се недоволно изложени на јавноста.
Ѓорѓиеска истакна дека трагедијата претставува сериозно нарушување на основните човекови права, правото на живот, безбедност и навремена институционална реакција, и дека анкетната комисија е неопходна за да се утврди можно политичко или службено влијание, како и за да се предложат мерки за спречување идни трагедии.
Инаку, маршот, кој доби широка граѓанска поддршка, денес започна на плоштадот „Македонија“ и продолжи пред Собранието и Кривичниот суд. Судскиот процес за случајот започнува за четири дена, со одржување на првото рочиште.



