Сочни и превкусни „лапни-гoлтни“ ќофтиња од тиквички – ем брз ем евтин, Зорка ни носи рецепт за мерак
Подобри не сте пробале.

„Драги мои, кога времето е сиво и дождливо, најубав лек против досадата е мирисот на нешто што се пржи во тавче“, вели Зорка Јанчева од Тиквешијата и објаснува дека таков ден бил вчера, времето било „за никаде“, а таа се сетила на едно старо, заборавено уживање – ќофтиња од тиквички.
Овој рецепт сите ќе не врати во времето кога се собиравме покрај трпезата на баба, а совршени се за оние кои избегнуваат месо.

Состојки:
1 поголема тиквичка
1 компир
1 главица кромид
2 јајца
1 чаша презла (околу 200 мл)
50 г сирење
2 чешниња бело лукче
1 лажичка црвен пипер
Сол по вкус, мешан зачин, бибер и магдонос

Подготовка:
Тиквичката и компирот се рендаат и се посолуваат (со малку сол). Оставете ги кратко да отстојат, за да пуштат сок, па добро истиснете ја течноста. Ситно исечкајте го кромидот, додадете ги јајцата, сирењето, белото лукче, пиперот, зачините, магдоносот и презлата. Сè убаво измешајте.
Од смесата оформете ќофтиња. Ако смесата ви е премногу мека, додадете уште малку презла. Потоа, спремни се за тавче!
Испржете ги на умерена температура додека да добијат златна, крцкава коричка.
Овие ќофтиња се одлични за ручек, вечера или за мезе, а се вистински благодет и за вегетаријанците. Мирисаат на детството, на мирна куќа и на времиња кога трпезата се полнеше со љубов.




