Со љубов, од Пробиштип – Бранкица им прави роденденска торта на децата кои ја немаат, со нивните насмевки заборава на сопствената болест
Разговараме со исклучителна мајка од Пробиштип, која и покрај мултиплекс склерозата со која се бори, со сопствени средства подготвува торти и божиќни пакетчиња за социјално загрозени деца.

Бранкица Миновска од Пробиштип е мајка на две деца, Гораст и Дина, и веќе неколку години подготвува и подарува роденденски торти за деца кои до тој момент никогаш немале роденденска прослава.
Иако живее со мултиплекс склероза, таа преку оваа иницијатива им носи радост на најмладите од социјално загрозени семејства, со цел ниедно дете да не се почувствува заборавено на својот роденден.

Што ве поттикна да правите торти за деца кои не можат да си ги дозволат?
– Ме поттикна срцето. Отсекогаш знаев колку значи едно мало изненадување за едно дете. Сакав ниедно дете да не се почувствува заборавено на својот роденден, без торта, без свеќичка, без желба. Тоа стана моја мисија.

Дали постои момент или приказна што засекогаш ви останала во срцето?
– Да… очите на едно дете што никогаш претходно немало роденденска торта. Ме гушна и ми рече: „Ова е најубавиот ден во мојот живот.“ Тој момент ме следи секогаш.
Како изгледа моментот кога му ја предавате тортата на детето? Што Ве допира најмногу во тие средби?
– Тоа е момент кога јас заборавам на сè мое. Очите им светат, рачињата им треперат од возбуда, а срцето ми е полно. Најмногу ме допира нивната чиста радост и благодарност.

Иако живеете со мултиплекс склероза, Вие создавате радост за други. Како ви успева да ја претворите болката и борбата во хуманост и сила?
– Не дозволувам болеста да ми ја одземе душата. Болката ја претворам во причина да бидам подобра. Кога гледам насмевки, заборавам на уморот. Тоа ми е лекот.
Роденденот е посебен ден за секое дете. Што научивте за детската скромност, желби и радост преку сите овие торти што ги подаривте?
– Дека на децата не им требаат скапи работи за да бидат среќни. Им треба чувство дека некој мисли на нив. Само малку љубов, а тие ја враќаат десеткратно.

Како реагира заедницата, и дали некогаш чувствувате дека ви треба поголема поддршка за да продолжите со мисијата?
– Има многу добри луѓе што ме поддржуваат, ми пишуваат, ми помагаат. Понекогаш е тешко, ама секоја порака ми дава нова сила. Секако, секоја поддршка значи многу за да можам да продолжам.
Но, има и такви кои едноставно ме осудуваат со реченици што имаш корист од тоа .
Сега, кога покрај тортите подготвувате и божиќни пакетчиња, што би сакале секое дете да почувствува кога ќе го добие тоа мало изненадување?
– Да се почувствува важно. Видено. Сакано. Да знае дека не е само и дека некој се грижи за него.

Што би им порачале на луѓето кои се двоумат дали да помогнат некому? Како малите гестови, според вашето искуство, навистина го менуваат светот и на оној кој добива, и на оној кој дава?
– Дека не мора да имаш многу за да дадеш многу. Некогаш насмевка, збор, парче љубов менува цел свет. И на оној што прима, и на оној што дава. Секогаш верувајте дека некој горе гледа се и еден ден ке ви врати се, не бидете себични давајте и ширете љубов.



