Ленче Кукиќ е наша извонредна фолк пеачка која има неверојатни гласовни можности и одлично ги изведува како фолк композициите, така и поп нумерите. Таа е 30 години дел македонската фолк сцена, има испеано многу хитови, добиено многу награди, а исто така е и победник во шоуто „Никогаш не е доцна“ и со нејзината победа ја направи горда нашата земја. Тие се едно музичко семејство и секогаш во домот им е весело и со песна, нејзиниот сопруг Горан Кукич ни е на сите добро познат, а исто така и нивниот син Иван кој веќе сериозно чекори во музичките води и е врвен музичар, и како што вели Ленче во интервјуто – неговите успеси и работа штотуку ќе излезат на виделина.
Приватна архива
Најпрво би Ве прашале каде бевте за новогодишната ноќ и како си поминавте?
Новата година ја поминавме во прекрасна и весела атмосфера и добро расположение во Хотел Олгица во Охрид, со прекрасни гости од бившите Ју простори, република Хрватска, Србија и Црна Гора, гости од Лондон, Минхен, Албанија, Холандија и секако нашите Македонци, весели од сите краеви на Македонија. Аплаузите и заедничкото пеење со нас беше и ќе биде запаметено.
30 години сте дел од фолк сцената, испеавте многу хитови, многу награди, победивте во „Никогаш не е доцна“. Задоволни ли сте од она што досега го имате направено во својата кариера?
Година по година се нанижаа 30 години од мојот почеток со првиот мој настап на „Цветници“ 1994 година кога ја испеав „Барај око мое“ на веќе покојниот Драги Митев. Но јас би рекла дека мојата кариера започна малку порано од 1991 година кога како дете кое имаше едвај 15 години се соочи со еден возрасен свет одеднаш.
Приватна архива
Се сеќавате ли како почна се и кој беше Вашиот прв професионален настап и песна?
Почнав со група Пицикато која веќе не функционира, моето прво искуство почна со нив. Имаше многу интересни случувања, но тоа ќе го напишам кога ќе ја пишувам мојата книга.
Од каде талентот за музика и колку Вашите родители Ве поддржаа да бидете дел од фолк сцената?
Мојата фамилија располага со душа полна музика, мојата веќе покојна мајка со своите сестри пееја како ангели, и мојот покоен татко исто така за кој се уште зборат како Асен Дедејски ја пеел „Зајди зајди“ и мојот брат Никола кој како дипломиран музичар талентот и музиката за жал ги остави и живее и работи во Германија. Фамилија полна музика, но имаме и член што ја сака песната, но се грижи за нашето здравје, тоа е нашата сестра Поликсена која е медицинска сестра, фамилија полна музика и не е чудно што јас сум тоа што сум.
Сиве овие години творев и пеев македонска музика. Сакав тоа што го знам и умеам да го слушне пошироката јавност, народот кој ја сака нашата музика.
Приватна архива
Колку Ви се промени животот после победата во „Никогаш не е доцна“?
И јас и Горан не погрешивме што се појавивме на балканското шоу „Никогаш не е доцна“ каде милионската гледаност ни овозможи да не запознаат и видат многу љубители на убавата песна. Резултатите стигаат со тоа што настапувавме ширум светот.
Мислам дека успехот е во професионалното однесување на целата Гранд Продукција. Тоа е впрочем и во сите сфери на живеење, една добра екипа која обрнува внимание и на најситните детали. Професионалниот однос кон работата плус талентот е неизбежен затоа и добивките се поголеми.
Колку се променија работите во однос на музиката од Вашите почетоци со она што се случува денес. Имате изјавено дека сте сакале да бидете родени порано за да бидете дел од нашите доајени. Зошто?
Моето размислување во стилот да се родев порано е во контекст на убавата музика која се творела со чувства и емоции. Затоа впрочем и уште се пеат. Моја желба е да оставам песни зад себе кои ќе имаат трајна вредност. Но и во моето време успеав со соработка на нашите квалитетни композитори и текстописци да оставиме убави песни зад нас кои ќе се слушаат од помладите генерации.
Приватна архива
Во сите години од таа соработка успеавме и ние заеднички да оставиме песни кои живот значат.
Со Горан се имате запознаено најпрвин на 15 години, и некако како тогаш да се споија Вашите патишта. Вашиот син Иван е исто така доста успешен, свири бас гитара, Дали неминовно беше покрај Вас двајца врвни уметници да биде и тој секојдневно со музиката? Колку сте горди на Иван како родители?
Во сите успеси можам да кажам дека до мене имам една заштита и голем соработник и сопруг кој неизмерно и храбро ми помага околу сето тоа што го твориме и како единки и заедно.
Нашата љубов трае 30 години која ни донесе и прекрасен син Иван кој земал се од нас, врвен музичар гордост за нас. Неговите успеси и работа штотуку ќе излезат на виделина.
Од каде најдовте сила додека се натпреварувавте во шоуто да бидете професионалец и покрај проблемите кои ги имавте со родителите. Сепак ни еден момент не покажавте дека имате некоја тежина што ја носите, кој Ви беше мотивот да истраете?
Во секој сегмент од мојот живот сум одела со мислата дека јас можам, ќе издржам, така сите предизвици ги издржав храбро можеби душата ме болеше и уште ме боли но сфатив дека сите во животот губиме родител, близок кој секогаш ќе ти фали. Но животот тече понатаму, а ние мораме да се бориме, па дури и кога ни е најтешко.
Приватна архива
Кој е Вашиот утрински ритуал?
Јас и ова интервју го пишувам со мојот утрински ритуал. Не сум комплицирана во ништо можеби јас така си мислам, но кафенцето е неизбежно. Поради работата што ја работиме можам да го испланирам мојот ден, со утринското кафе го планирам денот, а со комшиското кафе релакс муабети. Уживам во природата и другарувам со моите домашни миленици – неколку кучиња и едно мило маченце.
Како Ленче се грижи за својата убавина, и како успеавте да ги намалите килограмите, држевте ли некоја посебна диета или?.
Со мојата килажа се разбрав на едноставен начин – нема јадење. По многу неуспешни обиди поради здравствени причини не можев да си ставам ред, но можело, кога ќе си упорен тоа е решението ако сакаш ќе успееш.
Знам дека многу сте вешти во кујна, што е она што најчесто се готви вовашиот дом?
Уффф во мојата кујна се готви од секаде по нешто. Мојот свекор веќе покоен многу ни придонесе за готвењето тој беше родум од Белград и во нашата кујна се готви подварок (свадбарски купус), сарми со повеќе месо итн. Специјалитет ќе споделам за некој празник.
Приватна архива
Ако не би биле пеачка што би биле?
Јас сакам да сум меѓу луѓето и со луѓето ако не сум пеела сигурно пак ќе сум била јавна личност.
Кој е најдобриот совет што сте го добиле и од кого?
Сакам мали дечиња ја сакам нивната искреност и детска смеа и стари лица кои вешто ги слушам нивните животни приказни и искуства.
Приватна архива
Што Ве прави среќни, а што Ве растажува?
Во текот на годините среќна ме прави кога гледам здрави луѓе. Здравјето како да ни го одземе некој невидлив и ја сфаќам поговорката од постарите „Само здравје да имаме“ што навистина е така па се растажувам од обратната ситуација.
За жал многу несреќни лица со болести кои ги имало отсекогаш но сега во голем подем посебно младата популација…
Кога би имале можност да побарате нешто од универзумот што би било тоа?
Кога би можела би се борела овој народ да биде спокоен и задоволен, впрочем мирот и спокојството даваат здрав и долговечен живот.
Да се радуваме на празниците тие се единственото негување на традициите кои ни останале и ни ги раскажувале нашите баби и дедовци. Сплотеност на семејството.
Треба да ги чуваме и негуваме случувањата и адетите зошто тоа е нашиот идентитет по тоа се распознаваме музиката и традицијата. Мир во светот, мир во душите, да сфатат сите кои сме дел од оваа Земја дека навистина сме гости на овој свет, да шириме љубов и само љубов.